ПРАШКО КВАДРИЕНАЛЕ ЗА ПЕРФОРМАНС ДИЗАЈН И ПРОСТОР

Уметнички проект на ФИЛИП ЈОВАНОВСКИ
Кураторка: ИВАНА ВАСЕВА
Комесар: ФРОСИНА ЗАФИРОВСКА
МУЗЕЈ НА ГРАД СКОПЈЕ, Република Северна Македонија
6-16 ЈУНИ 2019 ГОДИНА/ Прага, Р. Чешка

 

- Перформативна изведба со КРИСТИНА ЛЕЛОВАЦ, секој ден од 13 часот во Павилијонот на Република Северна Македонија

- Промоција на публикација 7 јуни 2019 година, со перформативен настап на ТЕЛЕМАМА

Соработници: Кристина Леловац, Биљана Тануровска Ќулавковски, Драгана Заревска, Владо Караев, Анџела Петровска, , Виолета Качакова, Слободан Унковски, Борис Бакал, Симона Димковска, Марија Гелмановска, Јана Кастратовиќ, Томе Димитриевски, Ана Виленица, koma.mk, Јасмина Ѓоргиева, Бехар Далипи, Ана Василева.

Продукција: Илија Тирицовски, Горјан Атанасов, Марко Наумовски, Сашко Потер Мицевски, Александар Котевски, Стојанче Цавировски, Владо Димоски, Тони Трајковски (Дизајн на конструкции дооел, Скопје), Иванчо Велков, Мембранинг студио, Скопје.

Бришењето, криењето или игнорирањето на трагите на заедништвото, солидарноста, одговорноста, од колективната меморија на локалната историја e само чекор кон акцелерирање на неолибералниот светоглед, кој ги приватизира и хиерархизира сите односи во општественото живеење. Сето ова води кон речиси непрепознатлива промена на локалниот контекст, влијаејќи и трансформирајќи цели заедници и различни општествени слоеви, како и на целокупното општествено ткиво.

Во средината на заедничкиот двор и заедничката киносала на станбената Железничка зграда одекнуваат прашањата: Како заедно да живееме подобро? А ехото сѐ повеќе го повторува прашањето во речиси руинираната зграда којa ја чува идејата за заедницата, одговорноста и солидарноста во средината градот, разнебитен и корумпиран. И токму тука може да се отворат конфликтите кои потенцијално креираат нови процепи во генералната општествена структура.

Железничка зграда во Скопје е градена како периметарски колективен блок за живеење на вработените во Железницата на Југославија и е завршена кон крајот на 40-тите години на 20 век. Таа има сопствен двор, имала колективни перални кои се трансформирале во станови после скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година,  но и сопствено кино како  заеднички простор, каде што во еден момент 400 деца гледале филмови.

Токму солидарноста, заедништвото, одговорноста го градат скелетот, структурата или дизајнот на долготрајниот перформативен и колаборативен проект „Кога зградите би зборувале“, кој започна во 2015 година и сѐ уште трае.

Иницијативата „Кога зградите би зборувале“ е перформативно искуство што постои од 2015 година во Железничката зграда и е поттикнато од организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРШУ).  Тоа се изведува себе си и постои преку перформативноста, т.е изведува активен простор или заедница како естетски и етички процес на создавање односи и врски.  Па така, дизајнот на перформансот не е физички изградена кулиса, иако постои како архитектонски простор – киносала, туку е искуствен, обликувачки, емотивен и уметнички процес, формирачки и трансформативен, кој сака да стане заедница која ќе се грижи пошироко од уметничкото делување или прагот на сопствениот дом. Тој е составен од современ крос-дисциплинарен ангажиран пристап кој обединува елементи од визуелните и изведувачките уметности, проширувајќи го нивниот обем и рамка и се залага за зачувување на значењето на јавното и јавниот простор.

Павилјонот на Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале насловен „Оваа зграда зборува (на)вистина“  се перформира во размер 1:100 како едно кондензирано искуство од минати активности, како архива од повеќе времиња кои би требало и во живо да ни кажат: Ако успееме овде, можеме да успееме секаде! А токму тоа е и дизајнот на перформативната агонистичка заедница.

„Оваа зграда зборува (на)вистина“ е составен од три дела: инсталација со перформативен дел што е дел од „Изложбата на земји и региони“; кратко видео насловено „Кино Култура“ кое е дел од Performance Space Architecture Exhibition „Our Theatre of the World“  и двојазична публикација. Проектот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Им изразуваме голема благодарност за соработката на: Јанез Јанша (Маска, Институт за издаваштво, продукција и едукација, Љубљана), Мишко Зиноски (Архитектонски факултет – Скопје), Ана Виленица, Ѓорѓе Краишник, Слободан Кочевиќ, Иван Џијановски, Томе Каревски, Павле Игновски, Филип Аврамчев (Универзална сала – Скопје), Кино Култура, Скопје, Кинотека на Македонија.

https://www.youtube.com/watch?v=cWBZWWFic9I&feature=youtu.be