patoscreativna evropa

Оваа интерактивна работилница за млади помеѓу 16 -20 години е дел од истражувачкиот процес за меѓународниот театарски проект „The Chorus Project”, поточно „Хорот“ според трилогијата на Ајсхил „Орестија“. Македонскиот тим ќе работи на вториот дел од трилогијата, во режија на Ивица Димитријевиќ.

Главна цел на претставата е реобмислување на улогата на хорот во античките драми во однос на денешниот социо-политички и културен контекст. Што значи зборот демократија во 21-виот век? Што значи да се биде граѓанин? Што значи Европа и „eвропска иднина“? Како да се поврзат локалното и глобалното? Индивидуалното наспроти колективното? Како да се претстави демократијата на сцена?
Работилниците ќе се одвиваат во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје во три фази, во три последователни викенди со по две сесии дневно, во времетраење од 70 минути.

Фаза 1 (16-17 февруари)
Александра Михајловска (актерка и младински работник)

Во првите сесии преку методологијата на неформално образование и применет театар ќе се работи на:
- Поттикнување на критичко мислење кај младите
- Групно истражување на темата и значењето на активно младинско учество во процесите на донесување на одлуки во заедницата;
- Создавање простор за зајакнување на нивните лични вештини за јавно говорење и застапување на младинските интереси и потреби;
- Анализа на делови од драмата директно поврзани со позицијата на (не)моќ на младиот човек да дејствува во склад со личните наспроти наметнатите вредности.

Фаза 2 (23-24 февруари)
Интерактивни дискусии со Кире Василев (Магистер по Европски студии и Студии за труд, социјални движења и развој ) и Мариглен Демири (Професор по филозофија)

Оваа отворена дискусија ќе се обиде да ги препознае и лоцира предизвиците и проблемите со кои се соочуваат младите, барајќи ги новите форми на практицирање на демократијата во општествата во развој. Притоа работилницата го поставува прашањето дали либералните вредности и концептот на човекови права се компромитирани во современиот неолиберален капитализам? Во вакви општествени односи се бришат традиционалните политички поделби, а новите се формираат во виртуелниот простор каде што владее информациски хаос доминиран од лажните вести и гетоизацијата на јавното мислење. Бегство во сајбер-просторот се чини како единствена алтернатива на слобода на младите, можеби и затоа новата демократска комуникација станува ексклузивно виртуелна.

Фаза 3 (2-3 март)
Билјана Крајчевска (Драматург и педагог)

Интерпретација – толкување на одредени теми во „Орестија” на Есхил преку дискусија и нивна контекстуализација со актуелните општествено – политички случувања, коишто понатаму ќе се користат како документарни извори за драмска предлошка.

Бројот е ограничен на 30 учесници.
Пријавување за работилниците најдоцна до 12.02.2019 година на chorusproject.mk@gmail.com

За пријавување на работилницата потребно е да се испрати:
- Име и презиме
- Година на раѓање
- Кратка биографија (најмногу една страна А4-формат)

Селекцијата на учесници ќе биде направена од креативниот тим на проектот.

Координатор на работилницата: Јасмина Василева (актерка)

Проектот е поддржан од Креативна Европа (Creative Europe), а во копродукција на МКЦ – Скопје, АпСтарт Театар (UpStart Theater) од Лондон, Патос (Pathos) од Минхен и Театар ам Ланд (Theater am Land) од Грац.