Претставата ВРЕМЕ НА ЗАБАВА, се состои од композиција, која спојува три едночинки на Харолд Пинтер: „Планински јазик”, „Една на заминување” и „Време на забава”, како и една меѓуигра, замислена како интеракција со публиката – кратката едночинка „Нов светски поредок“. „Планински јазик“ во нашата адаптација станува „Комуњарски јазик“. Освен четирите едночинки, претставата содржи и документарни материјали од актуелните настани во Македонија, предизвикани од протестите во мај 2015 година, како и, претходно, од објавените разговори помеѓу високи функционери во или блиски на Владата на РМ, судии, претставници на законодавниот дом, претставници на медиумите и сл., т.н. „бомби“ кои ги објави опозицијата. Во претставата се користат и лични приказни, исповести, јавни изјави, јавно извикувани пароли и т.н.
Самите текстови на Пинтер се пишувани за актуелни настани, од не толку далечно минато, со политичка конотација многу блиска на денешната во Македонија. „Планински јазик” (1988) на Харолд Пинтер е портрет на една авторитарна милитаристичка држава, во која владее само една вистина, онаа на власта, „Една на заминување“ (1984), драма-пресврт во творештвото на Пинтер, е напишана како одговор на многу конкретна ситуација: растечката свест на Пинтер за систематската тортура на турската држава при нејзиното угнетување на писателите, интелектуалците, водачите на мировните кампањи, борците за правата на расните малцинства, а „Време на забава“ нуди моќна слика на едно херметично, безглаво општество, преокупирано со својата упадлива потрошувачка и здравствен фашизам кој е слепо индиферентен за ерозијата на граѓанските права“, како што ќе запише Мајкл Билингтон.
Оваа едночинка, од која и го земам насловот е одлична рамка за претставата. Додека елитата пие, самозадоволно се занимава со остварување на своите детски соништа и збајатени идеали, обоени со провинцијализам и зборува за нешто што до вчера не ѝ припаѓало, а кое и не докрај го разбира (нешто од материјалот на животот на висока нога и неговите кодови), надвор од нејзината идеализирана претстава за развојот на општеството, таа сè повеќе се дуе во сопствената гнилост и прашање на секунди е кога сосема ќе се распадне. Таму, во затворениот круг, воопшто и не е важно како е „таму долу“ или „таму надвор“, зашто гласовите слабо допираат или се сместени во фасциклите за политичка манипулација, непатриотизам или безразложно, слепо бунтовништво на шака нереализирани уличари.
Оваа претстава се занимава со „извршителот на наредбите“ и истовремено „наредбодавецот“, оној кој секогаш има оправдана причина за своите постапки, која пак истите ги овозможува, дозволува, поддржува, им дава смисла и претендира да ги претстави како логични, па дури и нужни. Па така, сè што извршителите на наредби овде прават е предодредено од нивниот искрен однос на потполна предаденост и верба во државата, идеологијата, религијата, семејството. Нема гол садизам ниту обична послушност. Сѐ е одредено од количината на патриотизам во крвта. Фашизоидната заразеност со личноста на водачот и потполната, слепа афирмација на неговите постапки, го прави извршителот на наредбите и, истовремено наредбодавецот, толку сурово ригорозен.
Затворањата, ослепувањата, уцените, откорнатите јазици, самиците, силувањата, одгризаните прсти, сексуалните злоставувања, вулгарностите, убиствата и сите други свирепости дефинирани како колатерална штета на едно општество во развој, во кое се развива само богатството на неколку претставници на власта, е суштината на оваа претстава. Граѓанинот е во овој свет прегазен. Шкртнат. Избришан. Неприсутен. Неважен. Не е на агендата. За него, едноставно, не се зборува.
Во ваквиот свет, до израз доаѓа непрофесионалноста, нестручноста, некомпетентноста на кадри кои се поставени на високи, клучни функции во општеството.

Во оваа претстава, доминантна треба да биде жестокоста и насилието, кои се подеднакво, вредност што ја нуди драмскиот јазик на Харолд Пинтер и предзнак кој го имаат сите актуелни случувања на отворена пресметка на власта, нејзините послушници и извршители, овојпат во една експлицитно полициска и параполициска држава, со изблиците на отпор и непокор на напредните, смелите, слободните, различните, борците за права, граѓаните, сите оние кои ќе одлучат гласно и организирано да го артикулираат својот став спротивен на ставовите на власта.

Режија, адаптација и дизајн: ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА
Асистент на режија: ДРАГАНА СТОЈЧЕВСКА
Извршен продуцент: ПАВЛЕ ИГНОВСКИ
Makeup: ИГОР ПЕТРЕСКИ
Премиера: МОТ 2015

ИГРААТ:
Офицерот, Николас, Гавин – АЛЕКСАНДАР СТЕПАНУЛЕСКИ
Началникот, Виктор, Тери – ВЛАДИМИР ПЕТРОВИЌ
Човекот со качулка, Ники, Џими – ДЕНИЗ АБДУЛА
Младата жена, Дасти – НИНА МАКСИМОВА
Џила, Лиз – ЈАНКА ЛЕФКОВА
Шарлот – СИМОНА СПИРОВСКА
Постарата жена, Мелиса – АНГЕЛА СТОЈАНОВСКА
Затвореникот, Фред – БЛАГОЈЧО СТОЈАНОВ
Стражарот, Даглас – ГОРАН НИКОВ
Човекот со куче – ВАСКО КОСТОВСКИ
Доберманот – АКИРА
и
Балерината – проф. д-р МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА (универзитетски професор по правни науки и експерт за човекови права на ООН)

Сподели