Мирослава Микица Трујкановиќ ќе се претстави со дваесетина дела, слики, изработени во комбинирана техника во стилот на апстрактниот експресионизам. На оваа изложба ќе доминираат големи формати, но дел од поставката ќе бидат и петнаесетина висечки слики, кои оформуваат едно дело. Куратор на изложбата е Ана Франговска, која во дел од освртот во каталогот кон изложбата ќе напише:

„… Микица Трујкановиќ е енергичен и страстен сликар. По подолгата пауза од чистото сликарство (по одреден период на интервенирање врз и инкорпорирање на дигиталниот печат и фотографијата во сликата) решава да се врати исклучиво и само на предизвикот на големото бело платно и бојата, без други примеси, и да биде директен сочинител во битката помеѓу непознатото и енергијата на немирниот дух, која сака да се плисне врз пространиот непознат простор и да го освои.

Делата што ја сочинуваат оваа изложба може грубо да се поделат во три групации: првите, кои претставуваат своевидно продолжување на претходните истражувања на Трујкановиќ во сликарството, значат еден природен продолжеток на апстрактниот интимизам, со енергичен потег, графицизам и снажна колористичка визуелизација. Трагајќи по промена и воведување на нов печат, се забележува една фаза „помеѓу“, еден простор, во кој делата (согласно на емоциите и чувствата во тој период) доживуваат одреден хорор вакуум, т.е. презаситеност и недостаток на воздух. Влегувајќи во делото како да сте влегле во зона на недостаток на комфор и полна вознемиреност, во која пресијата на колористичката полност и композицискиот немир ви ја пренесуваат пораката на одреден емотивен дисбаланс и автоцензура. Третата групација се дела во кои идејата доживеала созревање, ја преџвакало емотивната себеидентификација и проследила фаза на воздушна левитација на композициските целости и хроматските конгломерации во кои луминозноста на визуелните сензации доживува катарза…“

Микица Трујкановиќ дипломира во 1999 год. каде што во 2005 год. и магистрира, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Член на ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) од 1999 год. Самостојни изложби има одржано во Скопје, Виена, Истанбул, Прилеп, Охрид, Кавадарци, Неготино и повеќе од сто групни изложувања во земјата и надвор од неа, како САД, Австрија, Франција, Италија, Велс, Тунис, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Кипар, Бугарија, Египет, Полска, Обединети Арапски Емирати…

Сподели