Во историјата на ликовната уметност на дваесеттиот век, ниту еден уметник не доживеал толкава популарност и толкав интерес за творештвото какo Салвадор Дали, кој не само со уметноста, туку и со својата појава со уникатни бизарни и  провокативни настапи, со метафорички промислени и одглумени лични сценарија предизвикувал енормно внимание кај публиката, медиумите и фоторепортерите, исто како и врвните поп-ѕвезди од тоа време.

Бил гениј на самопромоцијата, но со оправдана подлога со својата сестрана дарба за сите видови уметност, од сликарство, скулптура, филм, фотографија, архитектура и графика, ни остава многубројни дела, за кои можеме да кажеме дека се еден од најинтересните, најинртигантните и најоригиналните авторски опуси остварени во 20 век.

За себеси рече дека „секој ден се буди со големо задоволство, знаејќи дека е Салвадор Дали…“

Означеноста како „надреалист“, за Дали претставува претесна кошула, неговата енергија и изненадувачки самобитната фантазија на светот, која ја отсликува, отстапуваат од оваа дефиниција. Ова богато го изразуваат неговите цртежи што ќе бидат изложени на изложбата во МКЦ.

Изборот на Далиевите оригинални графики е направен од две заклучени мапи: Зодијак и илустрациите на Ла Фонтеновите басни, како и поединечни графички листови од Божествената комедија, литографии од мапата на „Вечерата на Гала“, обоените гравури на Сурреалистички цвеќиња;

Централна точка на оваа приказна е скулптурата на Венера/жирафа, позлатена бронза во бизарен далиевски стил на комбинација на човечки и животински форми во нов спој на  фантастична фигура.

Преку овој избор на трудовите ќе ја видите Далиевата безгранична фантазија и неговото виртуозно владеење  на цртежот и веруваме дека ќе уживате во деталите и неговите генијални досетки и духовите интерпретации на литературните погледи.

Лазар Вујиќ

 

Што ги поврзува еден од најголемите уметници од 20 век, познатиот шпански надреалист Салвадор Дали и познатиот француски поет и баснописец од 17 век, Жан де Лафонтен. Љубопитните што бараат одговор на ова прашање ќе може да го добијат во галеријата на Младинскиот културен центар  во Скопје, каде што од 7 октомври до 7 ноември ќе биде поставена изложбата „Дали помеѓу ѕвездите и басните“.

Изложбата е организирана во соработка со уметничката галерија „Висконти“ од Љубљана и Централноевропскиот културен центар од Нови Сад и претставува серија од 11 нумерирани и потпишани графики, кои ги илустрираат басните на Жан де Лафонтен, како и неговиот портрет, виден со очите на Салвадор Дали и тринаесет графики од серијата Зодијак.

Шпанскиот уметник ги илустирал познатите басни како „Гавран и лисица“, „Коњи и волк“, „Лавовиот  двор“, „Болниот елен“. Оваа серија бакрорези е создадена во 1974 година и е печатена на 250 графички табли, кои се чуваат во многу галерии низ целиот свет.

Ќе бидат изложени и дела од опусот „Вечерите на Гала“, „Божествена комедија“, и познатите Далиеви коњи, како и една скулптура во позлата, наречена „Жена жирафа“. Вкупно 29 дела од овој мајстор на уметноста.

Приказната за Лафонтеновите басни  потекнува од дамнешни времиња и нѐ враќа во античко време. Лафонтен од античките писатели, пред сè од Езоп, го преземал сижето на басните, а потоа ги освежувал со елементи на драма, сатира и поезија. Првата збирка од 124 басни била печатена во 1668 година под името „Езопови басни“, кои биле посветена на синот на Луј XIV.

Многу уметници биле инспирирани од светот опишан во Лафонтеновите басни, не само сликари,  туку графичари, вајари и други. Првите илустрации на Лафонтенови басни потекнуваат од 1759 година, кога кралскиот сликар Жан Батист Удри ги илустрирал сите 245 песни.

Салвадор Дали бил голем љубител на книжевноста, што го вдахнувало да илустрира најразлични текстови, почнувајќи од легендата за Вилијам Тел, преку дела на Вилијам Шекспир, Беневенуто Челини, Данте Алигиери, Пјер де Ронсар, Гијом де Аполинер, Маркиз де Сад, Мао Це Тунг, сѐ до Библијата.

Лафонтеновиот „Бестијариј“, кој е полн со чудесни суштества го инспирираше да создаде серија бакрорези, кои ги доработувал со акварел.

Илустрациите  ги  приспособувал кон моралистичкиот тон на Лафонтеновите басни, така што неговата работа во овие графики да е „проѕирно чиста и полна со свежина“, ова го напиша Кристијан Синиг-Хас, директорка на Музејот Жан де Лафонтен во Франција, во написот за текстот на изложбата. Според нејзините зборови, деликатната колоритска илустрација му дава нов живот и сила на Далиевиот универзум на фантазијата.

Во овие дела Дали ги покажал своите вештини на техниката „пошоар“, која ја облагородувал и завршил со бојата на графиката. Сите табли ги потпишувал со обичен графитен молив, со тоа ја поврдил нивната автентичност.

Творечката дарба на Салвадор Дали се гледа не само во неговите уметнички дела, туку и во неговата улога на извонреден социјален провокатор, кој со своите гестови константно ја провоцира јавноста, наспроти Жан де Лафонтен, кој го негувал општественото однесување, што е суштествено спротивно на Далиевото „лудирање“, со извонредна мајсторија изградил за себе карикатурална слика на помалку неопштествен добродушен човек и сонувач. Бил познат по својата расеаност и заборавност предизвикувајќи потсмев на околината со својот немарен настап, појавувајќи се во јавноста со наопаку наместена перика и искинати чорапи. Таа привидна духовна незрелост и отсутност, без сомнение го прошиува неговото поле на дејствување и му овозможила со остар и зајадлив јазик да ги опишува навиките и обичаите на своите сонародници, навлекувајќи животинска кожа на типичните човечки недостатоци.

Постои уште една заедничка црта на сликарот и баснописецот: иако не се навраќал многу кон минатото, Салвадор Дали, исто како и Жан Лафонтен, чувствувал голема почит кон историското наследство и уметноста од претходните времиња.

Далиевиот бестариум е сепак, за разлика од Лафонтеновиот, сладок, невротичен, полн со креатури што се потсмеваат и гестикулираат. На единаесет гравури од Лафонтеновите басни видливи се Далиевите константи: пустинските пејзажи, антропоморфната вегетација, двојни слики, жена-коњ, долги нокти на коскести раце, гаврановото сирење претворено во излеан часовник, севкупната стопена форма, некој вид на Далиева непријатност.

САЛВАДОР ДАЛИ

Шпанскиот  сликар, фотограф, вајар, писател, дизајнер и автор на филмови, Салвадор Дали (1904-1989), во историјата е запаметен по своите силни и бизарни слики, но и како еден од најпознатите претставници на надреализмот во сликарството. Освен неговиот уникатен начин на сликање, многу експерти сметаат дека бил под влијание на ренесансните мајстори. Тој соработувал со Волт Дизни, Алфред Хичкок и Луис Буњуел, во чии филмови дури и глуми.

ЖАН ДЕ ЛАФОНТЕН

Францускиот писател и баснописец, Жан де Лафонтен (1621-1695), бил роден во Шато-Тиери во Шампањ, во богат и реномиран дом. Првото знаење го стекнува во училиштето во Ремс, а потоа завршува право. Иако бил по професија адвокат, никогаш не се занимавал со адвокатура, туку ѝ се посветил на поезијата. Станува член на Француската академија од 1683 година.

 

*Изложбата е организирана во соработка со уметничката галерија „Висконти“ од Љубљана и Централноевропскиот културен центар од Нови Сад

Сподели