“RESTART” - Изложба по повод 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје
60-тите години на 20 век претставуваат период на значителен полет на сите полиња на општествениот живот во СФРЈ. Почнуваат да се чувствуваат резултатите од инвестициите вложени во земјата во текот на изминатите децении. Југославија постепено стекнува сѐ поголема меѓународна афирмација. Во таков историски контекст, во Скопје, кој иако главен град на СР Македонија, во контекстот на Југославија сѐ уште претставува провинција во културна смисла, на 26 јули 1963 год., се случува разорниот земјотрес, кој остава катастрофални последици во смисла на човечки жртви и физичка деструкција.
Растечката позиција на некогашната заедничка држава и моментумот определен од меѓународно- политичката констелација резултира со манифестација на вонредна солидарност кон девастираното Скопје. Наглото свртување на вниманието на меѓународната заедница заедно со сите манифестации на волјата да се помогне, го отвори Скопје кон сосема нови хоризонти на културен план. Потребата тој повторно да се изгради го направи центар каде што се инвестираше сериозна количина креативна енергија и современи концепти во поглед на значењето што ќе го има овој возобновен град.
Меѓу другото, како гест на солидарност од страна на меѓународните организации и културни институции, но и поединци, на Скопје му беа донирани голем број уметнички дела чии автори се вбројуваат во редовите на самиот врв на тогашната светска современа уметност. Потребата да се обезбеди простор каде што ќе може да се чува и изложува новата колекција, конечно резултираше со изградбата и отворањето на Музејот на современа уметност. Една деценија подоцна, во Скопје се отвори за прв пат и Факултетот за ликовни уметности, каде што ќе се школуваат голем дел од следните генерации македонски уметници. Врз веќе поставените темели на македонската современа уметност од предвоениот период, скопскиот земјотрес од 1963 година претставува една важна историска точка, која на многу начини ги предодреди насоките на понатамошниот развој на македонската уметничка продукција.
Оваа изложба претставува извесен генерациски пресек, кој го бележи развојот на македонското современо сликарство, во кое се отсликани условите што го предодредиле од неговите почетоци до денес, низ делата од колекцијата на Галеријата ГРАЛ.
Елена Чемерска
*Изложбата е во рамки на настанот МКЦ за Скопје