„ЧИТАМЕ - СОНУВАМЕ“ – (секој понеделник од 18 часот)
- Проектот „ЧИТАМЕ – СОНУВАМЕ“ се реализира секој понеделник од 18 часот, со писателката БИЛЈАНА ЦРВЕНКОВСКА – наменет е за деца од 6 до 9-годишна возраст.
„Читаме - сонуваме“ се креативни работилници за деца, на кои тие преку читање приказни, разни креативни игри, логички загатки и тематски задачи развиваат имагинација и креативно размислување. Децата ги развиваат и логичките способности преку логички и креативни игри, слушаат приказни и потоа учат усно да создаваат свои. Покрај тоа, децата цртаат, бојат и лепат колажи и на тој начин ги визуелизираат своите идеи.
Секој час е различен од претходните, се игра различна креативна игра и се креира на различна тема, а децата можат лесно да се вклучат во која било од работилниците.
Целна група: деца од 6 до 9 години
Активности:
- Читање книги за деца, приказни, песнички на македонски јазик;
- Играње логички и креативни игри;
- Играње игри на имагинација и креативно размислување;
- Создавање усни приказни (документирани со аудиозапис од секоја работилница);
- Визуелизирање на приказните со ликовни дела во повеќе техники;
_______________________________________________________________________________
„ПИШУВАМЕ, ЦРТАМЕ, ПАТУВАМЕ“ – (секој вторник од 18 часот)
Проектот „Пишуваме, цртаме, патуваме“ се реализира секој вторник од 18 часот, а е наменет за деца од 9 до 12-годишна возраст.
„Пишуваме, цртаме, патуваме“ се креативни работилници за деца, на кои тие, преку разни креативни игри, логички загатки и тематски задачи, ќе учат како се создаваат приказни, песнички, па дури и кратки драмски текстови за деца, и како тие да се искомбинираат со илустрација, колаж или друга техника.
Идејата на проектот е да се развие имагинацијата на децата преку креација во две заемно поврзани области: литературата, односно пишаниот збор и ликовната уметност, за да се добие еден целосен авторски производ.
Креирањето приказна од концепт, преку текст до нејзина целосна визуелизација и добивање целосно уметничко дело е главната цел на овие креативни работилници.
Целна група: Деца од 9 до 12 години
Активности:
- Читање книги за деца, приказни, песнички на македонски јазик, развивање на имагинација и креирање ликовни дела врз основа на прочитаната приказна (илустрации, колажи);
- Играње логички и креативни игри, кои ќе резултираат со краен производ – напишана приказна и/или ликовно дело;
- Играње игри на имагинација и креативно размислување;
- Создавање раскази и песнички и визуелизирање на приказните со ликовни дела во повеќе техники;
- Создавање кратки драмски текстови, изработка на реквизити, со резултат изведба на секој од текстовите со изработените реквизити;
_______________________________________________________________________________
„ИГРАМЕ ВО СТИМУЛАТИВНА СРЕДИНА“ – (среда, два пати месечно)
Проектот ИГРАМЕ ВО СТИМУЛАТИВНА СРЕДИНА се реализира во среда, два пати во месецот, од 18 часот, а е наменет за деца од 3 до 5-годишна возраст.
1. Работилници со деца од 3 до 5 години – целта е поттикнување на фина и груба моторика, потоа поттикнување на асоцијативно мислење преку практикување на вежби од областа на математиката, стратегиски предизвици, логички проблеми. Активноста се реализира преку вежби, кои се наменети за деца на оваа возраст.
2. Работилници со деца од 5 до 7 години – целта е поттикнување на фина и груба моторика, потоа поттикнување на асоцијативно мислење преку практикување на вежби од областа на математиката, стратегиски предизвици, логички проблеми. Активноста се реализира преку вежби, кои се наменети за деца на оваа возраст.
3. Информативно едукативна работилница за родители - целта е запознавање на родителите со планираните активности, како и нивно тековно информирање со програмата. Родителите на децата се главните фактори, кои се одговорни за вклучување на нивните деца во оваа програма. Нивното активно вклучување е од голема важност за успех и остварување на целите на истата.
_________________________________________________________________________________
ДРАМСКО СТУДИО – (секоја сабота од 12 часот)
Проектот ДРАМСКО СТУДИО се реализира секоја сабота, од 12 часот.
Покрај редовната работа на Драмското студио, се подготвува и претставата ВОЛШЕБНИКОТ ОД ОЗ по книгата на Л. Френк Баум. Се работи со деца од 8 до 14-годишна возраст, кои ќе бидат одбрани по пат на отворена аудиција. Приказната за авантурите на девојчето Дороти, која со своите волшебни чевлички патува во волшебната земја, барајќи го волшебникот, за да ѝ помогне да се врати дома, е секогаш актуелна и интересна за најмладите. Освен што е возбудлива, оваа приказна е и мошне едукативна зашто разработува теми како: семејство, пријателство, различности, решавање проблеми, детски копнежи и стремежи, споделување и помош. Децата, додека се подготвува претставата, ќе се забавуваат, ќе создадат нови пријателства, но и ќе се стекнат со нови вештини.
________________________________________________________________________________
ЛИКОВНО СТУДИО – (секој четврток и секоја сабота)
- секој четврток, бесплатни часови по цртање – 18 часот
- секоја сабота – ликовно студио – 12 часот
________________________________________________________________________________
„ИНТЕРАКТИВНИ РАЗГОВОРИ 2“
Ликовното студио годинава работи и на проектот ИНТЕРАКТИВНИ РАЗГОВОРИ 2
„Интерактивни разговори“ се серија детски работилници, мултидисциплинарен проект, кој експериментира со повеќе медиуми и содржини, вклучувајќи социјални дизајнери, ликовни уметници, аниматори, 3D-моделатори, архитекти, фотографи, пермакултурен дизајн, теоретска физика за реализација на дадените концепции, наменети за детски едукации во повеќе дисциплини и предвиден е да трае во повеќе фази. Со намера да комуницира и создава разговори во креативниот процес.