Едукативен проект во предучилишни установи „Растеме со класика“
Проектот „Растеме со класика“ е финансиски поддржан од Град Скопје и има за цел да организира интерактивни музички дружења наменети за најмладите (децата од предучилишните установи), во траење од 30-тина мин. Ваквите дружења ќе имаат едукативен карактер. Децата преку игра, интеракција и забава дружејќи се со музичарите ќе се запознаваат со класичната музика, секако со програма приспособена на нивната возраст. Ќе бидат одржани серија интерактивни дружења во 10-тина градинки, кои не припаѓаат на централното градско подрачје и тоа во општина Бутел, Кисела Вода, Чаир, Ѓорче Петров, Гази баба и Шутка. Програмата ќе се реализира од 16 до 19 април 2018 год.
Со децата ќе учиме за музиката, нотите, за професијата композитор, солист и инструменталист, како и за тоа што е театар, опера и балет, како треба да се однесуваме на концерт (основи на бон-тон за следење на опера, балет или театарска претстава). Секако ќе се запознаат со одредени инструменти како пијано, виолина, гитара и сето тоа ќе биде збогатено со детски песни, познати оперски арии прилагодени за секое детско уво и инструментални изведби.
Нашата крајна цел е да се поттикне љубовта и интересот кон поразличен жанр на музика, да се запознаат со разни музички инструменти, видови композиција (вокална, инструментална) да се развие чувство за ритам и такт, како и развој на вокални и говорни способности.
Проектот е финансиски поддржан од Град Скопје.