Драги родители, баби и дедовци, тетки и чичковци, Ве повикуваме да ги донесете вашите најмили на повеќечасовно дружење и забава, каде што токму дечињата ќе се потрудат лично да подготват вкусен и здрав оброк или десерт за себе.
Досега вакво нешто не е организирано во нашата земја и Ви ветуваме едно одлично, интересно и едукативно попладне, каде што ќе се пренесат искуствата и предностите на здравата храна, кои секојдневно ги применуваат нивните врсници во европските земји.
Дечињата ќе имаат можност да ја запознаат Слободанка Сандева, која живее и работи во Прага, Чешка, и неколку години е посветена да им ја доближи здравата храна на најмладите на еден интересен начин, преку игра, забава и заедничко готвење. Сандева на почетокот беше сопственик на специјализирана продавница за здрава храна во Прага, а брзо потоа почна да организира работилници со деца за здрава ужинка на чешки и на македонски јазик. Таа во Чешка организира и одржува детски фестивали за здрава храна, кои се многу посетени и децата ги обожуваат.
Целта на оваа работилница во Скопје е дечињата да научат дека здравата храна и здравиот начин на исхрана е навика која треба да се негува уште од рана возраст.
Секое дете ќе има можност самостојно да подготви оброк, колаче без шеќер од здрави состојки. Некои од состојките што ќе ги употребуваат дечињата при готвењето се новитет и ги нема на македонскиот пазар. На лесен, сликовит и соодветен начин за возраста ќе им се доближи важноста на здравата храна кај најмладите, ќе слушнат интересни приказни за здравите производи и секое детенце ќе си замине дома задоволно со ЗДРАВ подарок.
Исто така, ова дружење ќе се надополни и со читање на детски песнички, за што задолжена ќе биде писателката Габриела Точко, која неодамна ја издаде својата стихозбирка „Во светот на децата“. Оваа книга изобилува со модерни и трендовски песнички, но и со стихови што ги опишуваат животните вредности, кои треба секој да ги почитува. Најдобрите три подготвени оброци ќе имаат среќа да добијат и по еден примерок од книгата и да уживаат во убавите песнички.
Дечињата, меѓу останатите активности, ќе можат да ги покажат и своите уметнички способности, односно да цртаат и бојат на тема „Со здрава храна до посреќно детство“. Нивните цртежи потоа ќе бидат изложени во просториите на Детскиот креативен центар при МКЦ.
Работилницата ќе се одржи на 26 (среда) во 18 часот во пријатна атмосфера во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
Цената на билетот за учество во работилницата изнесува 450 денари по дете и може да се купи на билетарницата на МКЦ, а за резервација јавете се на телефонот 078205727. Ве замолуваме најдоцна до 24 јуни (понеделник) да го потврдите присуството поради подобра организација и правење распоред на децата.