Ретроспективна изложба на цртежи, колажи и слики на Душан Герзиќ – Гера (Белград, 1961-1998)

Душан Герзиќ Гера e еден од најталентираните белградски ликовни уметници од крајот на 20 век, се движи во распон од слики, цртежи и колажи, до фотографии, сликање на тело, карикатури и стрипови. Гера последните десетина години од животот главно изложува во помали галерии во Париз и Њујорк, каде што живее некое време, а неговата работа е израз на спојот на неговиот бурен карактер и деликатноста на неговата личност и уметничката постапка. Вреди да се спомене дека има работено и како графички дизајнер (флаери, постери, омоти на плочи…) за музички групи како Хаустор, Електрични Оргазам, Идоли, ЕКВ…Тој е еден од првите уметници во бившата држава, кој се занимава со сликање по тело, а помеѓу сите ги има сликано телата на Соња Савиќ, Марина Перазиќ, како и членовите на ЕКВ за нивниот албум Екатерина Велика од 1985 година.
По смртта на Гера, неговите дела се прикажувани во многу белградски галерии. Неговото прерано заминување нѐ лиши од еден голем талент, но во исто време придонесе да се создаде легенда за уметникот, кој не само што создаваше уметност, туку и ја ширеше.

Широкиот распон на уметничките дела на Гера денес го обновува силниот впечаток за автентичниот претставник на генерацијата љубопитни уметници што во промените во 80-тите даде немерлив придонес во дефинирањето на естетската и духовна физиономија на времето во Белград; Гера тоа истото гордо го преадресираше во Њујорк, Торонто и Париз. На неговите дела може да се забележат влијанија на уметници со сличен нерв од некои рани времиња, веројатно поради краткотрајниот курс во постакадемската париска класа на Величковиќ, моментите на „сликарство на суровоста“, но и белградската Медиала 50-тите. Каков епилог: Шејка, Тошковиќ, Дадо и Главуртиќ, дополнети со атмосферата на времето на Гера – графитите, колористичната експресија и мешањето на недопирливите цивилизации: рокенролот, сплинот на Париз, византиската плава трага и два милениума на Европа во судирот со њујоршките икони на Новиот свет – тоа е вредност што заслужува дополнителни размислувања. Гера досегна неочекувани комбинации на сонуваното и реалното, рационалното и спиритуалното, физичкото и метафизичкото, оставајќи зад себе меланхоличен документ за нови толкувања на крајот на минатиот век.

Изложбата ќе биде отворена со пригодна реч на неговиот брат Боривој Герзиќ.

Сподели