Промоција на книга на Синиша Станковиќ

„Маалски прикаски (1+2)“, среда, 26 јуни, МКЦ во 20:00…
За и околу книгата и нашите маала (со мало фаворизирање на Карпош-ите) ќе муабетат/читаат/пеат: Калина Малеска, Драган Спасов – Дац, Ристо Самараџиев, Петар Ренџов и Синиша Станковиќ….

Во книгата се користени фотографии од реномирани фоторепортери.

65 прикаски, избор од тоа што авторот го пишувал како „Маалски прикаски“, „Белешки од Случајниот Минувач“ и „Бифе Носталгија“.

По маалски правила: дружба, муабет, музика, бифе…

„И се тешиме дека во нашите куќи се знае редот и дека жените и мачките и метлите се за по дома. Т.е. дека Господ ги направил жените со помали стапала за да бидат до садомијалникот. И, откако ќе ги скинеме утнатите ливчиња од обложувалниците (уплатени од парите вешто утаени од строгите погледи на семејните ни министри за финансии) пливаме во пиво и ги преџвакуваме по илјадити пат истите теми. За она „олцку“, она шти ни фалеше за да успееме како генерација, за разлика од ова наследнициве, од кои, како што тргнале, ништо нема да стане и нема да ги биде…
А кога ќе станеме, мамурлии, лека-полека сфаќаме дека вушност, тоа е тоа. Сништата, желбите, надежите… Сѐ се сведе на трошката верба дека наследниците ни, поуспешно од нас ќе знаат да ги препознаат другарите со големо Д, љубовта со големо Љ и семејството со големо С.“

Сподели