Доделувањето на првата стрип-награда „Лифт“ ќе се случи на 1 февруари 2019 години во 20 часот во МКЦ. Ќе биде организирана и изложба на пристигнатите дела, а најдобрите десетина стрипа ќе бидат и испечатени во посебна публикација.
Целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип-автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум. Втора важна цел е да придонесеме за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што сакаме да придонесеме за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор.
Жирито на наградата „Лифт“ го сочинуваат: Никола Гелевски, Јана Јакимовска, Ласко Џуровски и Владимир Битољану.
На изложбата и во публикацијата ќе ги претставиме деветте најдобро оценети стрипови од вкупно пристигнатите триесетина. Станува збор за стриповите на: Никола Панов, Стефан Николовски, Оливер Цветковски, Лазар Ангелов, Виктор Гаврилoски и Магдалена Мирческа, Јована Велинова, Кристина Неделковска, Марија Николаевска и Владимир Трајановски.
За конкурсот и за наградените ќе зборува Никола Гелевски, член на жирито и уредник на Темплум. Другите членови на жирито се Јана Јакимовска, Ласко Џуроски и Владимир Битољану.
Наградите за тројцата најдобри и благодарниците за сите учесници ги изработи, во дрво, уметницата Калина Игновска. Наградите имаат и свој паричен дел.
Донатор на првото доделување на наградата „Лифт“ е Град Скопје.