Јана Луловска е родена  1986 година во Скопје, Република Македонија. Завршила Уметничка и приложна фотографија на Националната академија за театарска и филмска уметност “Крсто Сарафов” во Софија, Бугарија.
Првата самостојна изложба на збирката фотографии на младата авторка Јана Луловска под наслов „Коре­лација“, се состои од дваесет диптиси, генерирани од и посветени на балкански­от пејзаж. Низ овој жанр, како и низ кори­стењето на  старата класична и некогаш попу­ларна благородна техника гумити­пија [1], Луловска се обидува  во ерата на сеоп­шта­та дигитализација/виртуализација, низ реактуализација на оваа техника да си ја овоз­можи, пред сè креативната слобода, која сe тeмели нa телесната слич­ност на зна­кот и на објектот што го третира.

Конча Пиркоска

 

Делата на Јана се комбинација на фигурација и апстракција – меѓу сонот и јавето, телото и духот. Меѓу тоа како изгледа светот околу нас и неговата флуктуација на визуелните перцептори. Формите што се конзумирани од емпиријата на авторката се телесни и скоро опипливи, истовремено се и изненадувачки бестелесни и имагинарни. Во делата забележуваме интезивност, а интезивноста е техника и приод кон сликарството, кој уметникот сака да го потенцира.
Јана го предочува дуализмот на природата: небо – земја, земја – вода, вода – небо.
Нејзините пејзажи се во лиричен и минималистички стил, хоризонтот е основа на композицијата и ја претставува  границата на врската меѓу елементите.
Живее во време во кое глобално преовладува дигиталната фотографија и поради тоа  чувствува потреба да се наврати на старите фотографски техники што се во изумирање.
Нејзината крајна цел е да го поттикне гледачот (соучесник) да размислува  за дуализмот во природата, моралното прашање за создавање копии на оригиналот и дигиталната инвазија.
Накратко, Луловска низ својот опус се стреми кон ослободување и катарза и ја праќа таа порака кон сите нас.

Горјан Ѓорѓиев



[1] Оваа техника била прва и најпопуларна, од таканаречените благородни  постапки  од златнoтo доба на уметничкат­­а фотографија, која датира од првата половина на ХIХ в. Најпрво цртачката хартија  се препарира со слој од желатин и врз осушениот слој се нанесува гумарабика, калиум или амониум бихромат и пигмент. На осушената хартија се копира негативот на дневна светлина или како што работи Луловска, под реф-лектори. Копијата се развива со миење во чиста вода, која го отстранува вишокот од неосветлената емулзија. Оттука добиената слика-позитивот има благо­род­на структура и наликува на акварел.

 

Сподели