Скопско лето во соработка со 3Г Доминиум Културно Јадро, Музеј на град Скопје и МКЦ на 25 јуни, во 21 часот Ви ја претставува изложбата на Владимир Лалиќ од Р. Србија – Белград насловена „Разоткривање“.

Изложбата „Разоткривање“ нѐ носи низ различни имагинарни содржини на непознатото и различноста во широката сфера на визуелни форми, идентитети, слоеви и приказни. „Разоткривање“ е доживување и спознавање на инспирациите на авторот низ непознатите простори во кои битисува. Акцентот е ставен на бесмисленото талкање на современиот човек во денешно време. Сите цртежи на еден начин претставуваат загатки што се мешаат со одреденото и неодреденото, и токму поради тоа овој загадочен карактер, на уметничкото дело „ја надживува интерпретацијата“. Загатката, всушност ја претставува содржината на вистината што самото уметничко дело ја носи со себе. Симулакралниот карактер и метафоричните слоеви на сликите, како и предизвикот ‘да се биде со себе и со Другиот во исто време’, е она што се проткајува во циклусот „Разоткривање“ на Владимир Лалиќ. Повторното препознавање на нас самите, повторна средба со Другиот во уметноста, е нешто што, всушност може да нѐ доведе до вистинско заедништво. Делата се изработени во комбинирана техника туш и офсет боја на плексиглас, а во некои од делата е имплементирана и звучна подлога.

Владимир Лалиќ е роден 1983 година во Белград. Дипломирал на Факултетот за применети уметности на Универзитетот во Белград во 2008 година. Истата година запишува специјализација на Факултетот за ликовни уметности во Белград на отсек графика и завршува 2010 година. Од 2008 до 2012 год. работи како стручно лице – демонстратор на ФПУ, на отсек графика. Владимир Лалиќ ѝ припаѓа на средната генерација на ликовни уметници и зад себе има бројни претставувања низ светот, меѓу кои и во Франција, Италија, Германија, Србија. Добитник е на неколку награди меѓу кои и наградата за сликарство Prih-Paul-Louis Weiller за 2017 година, доделена од Француската академија, а за која бил предложен од познатиот сликар и академик Владимир Величковиќ.
Оваа награда им се доделува на исклучително талентирани автори што дале голем придонес за развојот на сликарството. Истата 2017 година, Владимир Лалиќ ја добил и специјалната награда на жирито во Трст, Италија, на конкурсот за визуелни уметности – LYNX. Овој исклучителен млад автор со раскошен цртачки талент се котира многу високо на меѓународната ликовна сцена и неговите дела се наоѓаат во многу приватни колекции и музејски поставки.
Интересен е податокот дека Валдимир Лалиќ не е само визуелен уметник. Тој, истовремено се занимава и со музика; член е на хорот Viva Vox и досега има настапувано на повеќе оперски претстави и концерти ширум светот.
Тој е препознатлив по инкорпорирање на музичкиот талент во своите дела.

www.vladimirlalic.com

Изложбата ќе трае до 5 јули.

Влезот е слободен!

Сподели