Промоција и изложба на графичката новела „Хашиш“ од Ѓорѓе Јовановиќ по текст на Анри Мишо

Графичката новела „Хашиш“ е седма книга од стрип-едицијата „Лифт“ на издавачката куќа Темплум.

Анри Мишо е еден од најуникатните творци на 20 век, кој покрај пишувањето поезија, проза и патеписи, долги години се занимавал со сликарство. Мишо се занимава со „внатрешниот свет“ на човечките соништа и кошмари. Во еден период од неговото творештво тој користел дроги, особено мескалин, за да достигне состојба на поголема чувствителност што би влијаела врз неговата уметност.

Мишо им припаѓа на групата на уметници што ги уриваат конвенциите во литература – метафората и декорациите се ретки. Свет полн со страв, вознемиреност и отуѓување.Тој создава надреални слики, кои произлегуваат од неверојатната моќ на имагинацијата, често исполнети со многу апсурден хумор.

„Битно за мене беше тоа да не биде ‘сува’ илустрација на текстот, туку поттик да го пресоздадам со една моја визура.
Светот во графичката новела „Хашиш“ изобилува со ситуации што претставуваат огромен предизивк да бидат преточени во слика или пак графичка новела. Исто така и фактот дека текстот нема класична наративна линија, туку претставува збир на фрагменти-записи или пак дневник што тој го водел додека експериментирал со хашишот. Таквата фрагментирана структура ми даде огромен простор за ‘маневрирање’“.

Ѓорѓе Јовановиќ

На 12 октомври во галеријата на Младинскиот културен центар публиката ќе има можност да го види целиот процес на изработка на графичката новела. Селекција на цртежи, развојните фази на книгата, неколку решенија за корица, како и фонтот што специјално е изработен за потребите на оваа графичка новела.

Сподели