ХАМЛЕТ МАШИНА од Хајнер Милер во режија на Дамјан Читкушев, во продукција на Театар Фабрика.
Претставата претставува дел од програмата на Театар Фабрика, кој овозможува лабораториски процеси и надминување на конвенционалните театарски стандарди. По претставата „Столови“ од Јонеско во продукција на Театар Фабрика и наградата за иновативност во сценскиот концепт на Фестивалот за интернационален алтернативен театар во Подгорица, Читкушев повторно создава авторска претстава врз основа на текстот на Хајнер Милер и зборува за катастрофата на светот, театарот, уметникот и можноста да останеме невини.
„Да живее долго омразата, презирот, бунтот, смртта! Кога таа ќе влезе во вашите спални соби со касапски ножеви, тогаш ќе ја дознаете вистината!“ – Хајнер Милер
Во претставата ликот на актерот што бил Хамлет ја истражува одговорноста на уметникот. Современиот Хамлет е израз преку кој ние влегуваме во војна со бесмисленоста на нашата сегашност и преку неа на нашата уметност. Хајнер Милер го напишал текстот во специфичен период од европската историја, кога таа сѐ уште нестабилна по воените конфликти, различните политички струи и положбата на уметникот во таквата клима. Ликот на Хамлет е поделен во две фази: „Бев Хамлет“ и „Не сум повеќе Хамлет“. Преку интроспекции тој го истражува односот со семејството, фројдовски обележаната Едипова мајка и сопственото минато. Преку сопствената инфантилност паралелно го разгледува и детството на човечката цивилизација.
Претставата го користи сонот во кој се играат изобличените желби на либидото и во онирична атмосфера го предизвикуваат трошењето на личноста. Хамлет сака да биде машина, раце да дофатат, нозе да одат, без болка, без мисли.
Креативниот тим во овој проект го сочинуваат:
Превод: Марија Гегоска
Инжинер за звук и композитор: Александар Томевски
Сцена и проекции: Дамјан Читкушев и Тамара Дамческа
Играат: Стефан Вујисиќ, Дритон Вејсели, Благица Димитровска, Елизабета Стефановска, Моника Ставревска.
ТЕАТАР ФАБРИКА е независен театар, кој овозможува преиспитување и создавање на вистински театарски вредности, експериментален пристап и постојана надградба на професионалните капацитети на театарски уметници вклучени во креативните процеси.