Наша голема чест и задоволство е да го најавиме настапот во Скопје на легендарниот електронски волшебник – Drew McDowall, култна фигура во историјата на електронската музика и човекот, кој како композитор и продуцент е одговорен за голем дел од психоакустичната магија на Coil, Psychic TV, Current 93, Throbbing Gristle и како човекот зад други проекти од бранот на раната индустриска, електронска и ритуална музика во текот на културната револуција започната од Genesis P-Orridge, John Balance, David Tibet и нивните соработници.
Неговиот настап во Скопје е дел од светската турнеа, која го промовира неговиот нов албум – Unnatural Channel.
Низ својата 40-годишна музичка кариера, Drew McDowall стои како една од најзначајните фигури на модерната електронска музика, но неговите проекти не секогаш завршуваат во студиото. Низ текот на 90-те, тој е менаџер на култниот денс-поп состав The Shamen, помага на својата сопруга Rose McDowall во продукцијата на Strawberry Switchblade и стои како ремиксер и промотер на многу од индустриските и прото-електронски состави, кои се појавуваат на сцената кон крајот на 20 век. Неговиот ремикс-каталог е подеднакво импресивен со проекти за Nine Inch Nails, Chris & Cosey, Surgeon и многу други.
Како прв член регрутиран во Coil од страна на основачите John Balance и Peter ‘Sleazy’ Christopherson, Drew е одговорен за брзиот раст на композициските и продукциски квалитети во песните на Coil, но и за целосното прифаќање експерименталните и окултни правци на групата наместо мејнстрим поп-влијанијата од 80-те со поставување на богат мозаик на музички влијанија од сферата на класиката, раната електронска музика и нивно комбинирање со спиритуалните и религиозни традиции присутни во музиката на Coil. Овој процес доаѓа до својата логична завршница со издавањето на “Astral Disaster”, “Music to Play in the Dark” и “Time Machines”, крунски албуми во дискографијата на Coil и воопшто, дел од најважните носачи на звук за развојот на елетронската музика во 21 век. По издавањето на Time Machines и распадот на Coil, McDowall се сели во Бруклин, каде што се посветува на модуларната синтеза и својата композиторска работа, правејќи музика за бројни филмови, инсталации и мултимедијални проекти.
Наскоро очекувајте надополнување на програмата!
Цена на билет ќе чини 200 денари, билети се продаваат преку продажните мрежи на МК Тикетс и Купу Карти за Сѐ, како и на Билетарницата на МКЦ.