Дијамант / (Diamond)
David Hoyle
со гостување на The Lipsinkers
„Изведбата го празнува опстанокот наспроти бројните препреки. Постои ЛГБТ историја со која се гордееме“ – Дејвид Хојл.

Дијамант претставува тегобно и пријатно патување низ ЛГБТ еманципацијата, почнувајќи од 1957 година до денешните настани преку возбудливата биографија на Дејвид Хојл. Проткајувајќи го личното искуство со јавните настани, Дијамант го прикажува подемот на Дејвид од геј адолесцент во Блекпул, до познатиот култен анти-дрег квир феномен на Канал 4. Настапот обработува историски моменти и го отсликува животот на проминентни геј личности, како што е Алан Туринг и понеодамнешните ЛГБТИ политички активисти, со што повторно се навраќаме на мачната историја и постојаната борба за еднаквост. Неверојатно авангардно театарско дело, Дајмонд плови низ трансформацијата на геј контра-културите, квир родот и сексуалноста, и британските општествени ставови. Ќе им се допадне на сите што веруваат во борбата за еднаквост.

★★★★ „Фасцинантен лош вкус, екстремно смешно и соодветно уникатно“. - Гардијан

★★★★★ „Триумф на еден од најпроминентните уметници од Манчестер“. – Канал Стрит

★★★★ „Дејвид Хојл е подготвен да ги урне барикадите и да го симне системот како уникатен и сензационален уметник“. - Бојз

★★★★ “Експлозија од енергија, гламур, танц и драма со интересен приказ на ЛГБТ историјата и социјалната нееднаквост“. – Евритинг Театр

Нарачано од театарот Контакт, продуцентка Џејн Комптон, за продуцентската куќа Свичфликр.

Дејвид Хојл ја шири пораката за проблемите со родот и други политички прашања до публиката од 1990-тите години. Да не беше тој, немаше да постои родово флуидниот дрег на кој толку многу се навикнавме во последните години. Остави длабоко влијание и служи како огромна инспирација, тој е икона и единствен.

Роден во 1962 година во Блекпул, Хојл како дете бил жртва на немилосрдно силеџиство заради неговата женственост. Во училиште со години го напаѓале и учениците и наставниците, а патот до училиште подоцна го опишува како секојдневно чекорење до „сопственото погубување“. Во геј клубовите во Манчестер го развива ликот познат како The Divine David – „анти-дрег кралица“, кој комбинира „навредливи општествени коментари“ со „извонредни моменти на само-обвинување, па дури и себе-наштетување“. Ликот станува толку познат што набрзо настапува во лондонските театри и клубови, по што неочекувано го бараат телевизиските станици, а при крајот на 1990-тите години продуцира две серии за Канал 4 во Велика Британија – The Divine David Presents и The Divine David Heals. Сепак, откако увидува дека ваквиот успех не е за него го убива ликот на Дивајн Дејвид во настап изведен на лизгалиште… По одредено време повторно се враќа на лондонската сцена како себеси, Дејвид Хојл. Настапува на бројни сцени, меѓу кои Royal Vauxhall Tavern, The Bethnal Green Working Men’s Club, Центарот Соутбенк и Театарот Сохо во Лондон заедно со театарот Контакт во Манчестер, а на екраните се јавува во филмот Велвет Голдмајн, серијата Нејтан Барли и претстојниот филм Set the Thames on Fire. Хојл исто така е и визуелен уметник и музичар, а глуми и е корежисер во наградуваниот Вујко Дејвид (Uncle David).

The LipSinkers

„Зошто The LipSinkers се поинакви и попривлечни од другите? Тешко е да посочи поточно, меѓутоа во суштина се работи за првокласно динамично квир изобилие“.  - Тајм Аут

„The LipSinkers е дрег театарска трупа, која изведува мимика на познати поп песни. Меѓутоа нивното шоу не може да се поистовети со забавните дрег телевизиски емисии како A Night Out со Дени Ла Ру или Drag Race на Ру Пол. Настапот не се препорачува за публика со слабо срце или ненаклонета кон хаос. Бизарно, диво, смешно и свежо“. – Д скотсмен

„Ништо не може да се спореди со The Lipsinkers. Во нивните раце, дрегот, ликовите, родот и театарот се грчат и препелкаат, се разлеваат низ просторијата, посегнувајќи кон непознати задоволства додека зад себе оставаат величествен хаос“. – Бен Волтерс - Not Television Edinburgh 2015.

Сподели