„Македонската уметница и галеристка Ана Христовска во среда во 20 часот ќе се претстави со својата изложба именувана како: „AMA E SI AMATO“ што преведено од италијански би значело „Сакај и биди сакан“. Ќе бидат изложени осумнаесет платна, изработени последниве две години.
Ана Христовска е уметница, која зрачи со убавина во душата, физикусот, енергијата… Таа остава сликарска трага на убав момент од нејзиното постоење.
Ако се обидеме да го дефинираме поимот „убаво“, кој го фаворизира Ана, добиваме комплексност од доживеани сетила, движења, боја, линија и форми.
Нејзината сликарска приказна е разбирлива за оној кому му е наменета, исто како езотеричните приказни пратени од дамнешните времиња, до љубовните љубопитни, кои тежнеат да ја осознаат езотеричната убавина.
Кај Христовска се констатира одредена или дозирана неодреденост на рамнодушноста кон одредени форми, наспроти сегментното нагласување на сижето на композицијата, изработена во нејзин дефиниран карактер.
Преминот од природното убаво, во уметнички убаво го прави со тоа што се обидува со лирика на изразот да ја скрати имитацијата на природата, додавајќи го своето оригинално гледање и став кон за неa интересните нешта.
Надворешниот свет го трансформира во внатрешно духовно пространство, кое се темели на емоции, паметење, синтеза и создавање моменти и опсесии, матна приказна, која носи до заборавност на времето и егзистирањето. Креира синоним за амбиент, кој е оттргнат од светот на појавноста емитувајќи ги своите парадокси.
Мотивот на голи тела со одредени физиономски белези ги сведува на поетична сензација, персонифицирана како тела проектирани низ призмата на универзалното естетско битисување. Семантични прикази од сегменти на безброј љубовни околности и приказни од реалниот и имагинарниот регистер, сведено на рецидив на метафизички слики со зададени морфолошки својства.
Ја посочувам Ана Христовска како иден македонски пандан на големата Оља Ивањицки и сум сигурен за нејзиниот иден креативен и оригинален уметнички чин“.
Горјан Ѓорѓиев

Среда, 16 мај, 20:00 часот

Сподели