Инспирирани од латинската синтагма “ars vivendi” што во слободен превод значи “уметност или умешност на живеење/то”, нашето ликовно студио“ARS VIVENDI” започна со работа на 15-ти септември 2005 година.
Да се живее животот со радост и благодарност за секој нов ден е уметност и од сите нас бара умешност. Како родители и како педагози, должни сме да ја развиеме таа уметност и умешност кај децата, постојано потсетувајќи се на вистината искажана преку зборовите на Калил Џибран во неговото позната дело „Пророкот“ дека:
„Нашите деца не се наши деца.
Тие се синови и ќерки на самиот копнеж на животот за себе.
Тие доаѓаат низ нас, но не од нас.
И иако се тие со нас, тие нам не ни припаѓаат
Ние можеме да им ја дадеме нашата љубов, но не и нашите мисли, зашто тие имаат сопствени мисли.
Ние можеме да ги вдомиме нивните тела , но не и нивните души бидејќи нивните души живеат во куќата на утрешнината која ние не можеме да ја посетиме , дури ни во нашите сништа.
Ние можеме да се обидуваме да бидеме како нив, но не и да копнееме да ги направиме како нас.
Зашто, животот не оди наназад ниту се занимава со вчерашноста.
Ние сме како лакови од кои нашите деца како живи стрели се отфрлени напред.
Стрелецот го гледа знакот над патеката на бесконечноста и Тој не` свиткува со Неговата моќ за стрелата Негова да оди брзо и далеку.
Нека нашето свиткување во рацете на Стрелецот биде за задоволство;
Зашто Тој, иако ја сака стрелата што лета, Тој исто така го сака и лакот кој е постојан.“
Во ликовното студио “ARS VIVENDI” го развиваме интересот на „стрелата што лета“- индивидуата, преку„лакот кој е постојан“-Тони Шулајковски. Како што вели и Џибран „нe откриваме ништо ново освен тоа што веќе лежело полузаспано во почетоците на детското знаење.
Овие десет години во нашето ликовно студио “ARS VIVENDI” работевме под мотото “Насочи го сопствениот потенцијал во вистински правец” и ја освестувавме индивидувата дека не може да ја изнајми својата визија на друг. Веруваме дека успеавме во тоа, а 57- те награди што ги освоија членовите на нашето ликовно студио учествувајќи на републички и интернационални конкурси за детски цртежи се дополнителен поттик да продолжиме со работа во иста насока.„Единствено нешто од коешто никогаш не можеме да се заситиме, ниту од примање ниту од давање, е љубовта.“ – Хенри Милер

Дијана Петкова

Сподели