Изложбата вклучува фотографии со театарска тематика, направени во периодот од 1984 до 1996, од изданијата и репертоарите на МОТ. Делата се работени со аналогни фотоапарати, во црно-бела и колор-техника. Форматот на изложените фотографии е 50 х 70, како и изведени формати.

 

ПРИПИТОМУВАЊЕ НА КРИКОТ

Феноменолозите што се занимаваат со човековата свест, како и антрополозите од калибарот на еден Клод Леви-Строс, се речиси едногласни дека човечката свест функционира според принципот на сегментација на континуумите што ја сочинуваат стварноста. Артикулацијата, поделбата, фрагментацијата, односно сегментацијата на континуумот на она што го викаме „свет“ водат кон сознание. На пример, боите ги разликуваме само благодарејќи на тоа што нашиот ум го сегментира светлосниот континуум на жолта, црвена, зелена, сина боја; објективно, тие бои не постојат во светлосниот континуум, сè додека нашата свест не го подели едното на серија сегменти, односно перцептивни моменти.
Што е фотографијата? Сегментација на континуумот што го викаме свет, ловење на еден минлив миг од вечноста и негово овековечување. Фотографијата, онаа вистинската, уметничката, според тоа е припитомување на вечноста, нејзин превод во визуелен јазик разбирлив за човекот. Тоа е фотографијата по форма, и како кај секоја вистинска уметност, нејзината содржина треба да се огледува во нејзината форма, за да се добие врвно уметничко дело.
Фотографиите на Љупчо Илиески, за кои веќе сум имал и чест и можност да се изразам, се најчиста реализација на оваа дефиниција. Свесен сум дека ниедно конкретно нешто не одговара целосно на својата дефиниција (зашто дефинициите се идеални, а нештата не се), но фотографиите на Илиевски, од сè што сум видел до сега, најмногу ми се доближуваат до дефиницијата на мајсторската уметничка фотографија. Тоа се полнозначни, јадри, надрочени, првокласни сегменти од континуумот наречен „свет“. Тие се показ за феноменологијата на свеста, онаа свест на човекот-уметник, која од Едното и непоимливо прави повеќе поимливи, која од невидливата вечност создава нешто видливо и опипливо за окото (фотографиите на Илиевски навистина создаваат ефект дека допирате нешто со окото). Фотографијата на Илиевски ја припитомува вечноста и ја прави стварна, материјална, сетилна. Секоја негова фотографија е отсечок од бесконечното време-простор; и кога фотографира пејзаж, и кога фотографира напуштена селска куќа, која станува метафора за човек со испустена душа, и кога фотографира (во серија фотоси) галеб што слетува, неговата фотографија сведочи дека таа уметност, уметноста на фотографијата, најчисто од сите уметности ни покажува како функционира човековата свест, нашиот ум, нашето познание на светот: преку кадрирање. Но, додека свеста го сегментира континуумот „свет“ според незабележлив и вроден автоматизам, и не е должна да им даде на едни отсечоци предност пред другите, уметничкиот фотограф ги избира и објектот и моментот за кои смета дека треба да се сочуваат како перцепција на Целото и Едното. Фотографиите се во суштина – синегдохи на свеста, зашто синегдохата е фигура при која со избраниот дел се означува целината: преку еден избран момент се означува вечноста, а преку еден избран објект се означува целиот свет. Тоа е уметнички избор на битното од небитното и негово овековечување како битно; тоа е авторско, најлично и најприватно припитомување на вечноста. Во тој личен избор на временската и просторната синегдоха е величината на уметникот – фотограф, и тука Љупчо Илиевски е ненадминлив. Неговата двојна перцептивна синегдоха, која фотографите често ја викаат „нишанење“ (избор на објект со кој ќе се претстави целината на светот) и „истрел“ (англиски: shooting, избор на моментот со кој ќе се претстави вечноста) е речиси секогаш силно очудување на стварноста. Да, стварноста на фотографиите на Илиевски е чудна, очудена и зачудена. Кога ги гледате неговите фотографии, и она што е на нив, си велите: „Господе Боже, сто пати сум видел камен, лебед, галеб, куќа, но никогаш не сум видел дека тие вака изгледаат.
Ако „обичните“ фотографии „ловат“ феномени, тогаш фотографиите на Илиевски ловат чисти ноумени – зад површината се гледа суштината. И кога фотографира камен, тој како да ја слика каменитоста како суштина на секој камен; кога слика езеро, ја слика езероликоста; кога фотографира небо, ние ја гледаме небесноста на небото. Како тоа му успева, знае само неговата свест, која одбира што ќе сегментира од континуумот на универзумот.
На оваа изложба, за свој објект, за свет што треба да се сфати, сегментира и припитоми – Љупчо го одбира театарот. А тоа значи – одбира една уметност, која еднаш веќе го сегментирала и „просеала“ светот низ своето око. Со самото тоа, неговите фотографии стануваат двојна сегментација, двојна фокализација, двојна леќа низ која се гледа светот; стануваат чиста есенција на стварноста, како двојно печена ракија – препеченица. Континуумите на светот двапати се фрактализирани. И веќе тој факт на овие фотографии им гарантира една посебна уметничка бесмртност и необичност: тие се она што во хералдиката и теориите на текстовите се вика семантичка бездна, односно мизенабим (го помакедончивме и овој француски збор). Нацртајте куќа, па во неа нацртајте помала, па во неа нацртајте уште помала – ете ви мизенабим, еротска бездна на огледалните знаци. Тоа е огледување на малото во големото, на театарот во фотографијата, а самиот театар е пак огледување на светот; не случајно Етјен Сурио антологиски го спореди театарот со кутија за чевли на која ѝ е отстранета една страна, кутија во која е сместен мал космос, направен според совршена аналогија на големиот космос.
Но, и тука, во тој веќе фрактализиран свет наречен театар, уметникот Љупчо Илиевски нашол простор за двојна артикулација/сегментација – погледнете ги моментите што тој ги одбрал за да ја припитоми вечноста на театарот. Што одбирал? Поставувајте си го тоа прашање секогаш кога, на оваа изложба, ќе застанете пред некоја негова фотографија. Ја одбирал суштината на театарскиот чин.
Понекогаш, таа суштина се јавува низ портрет (лицето на актерот), понекогаш е тоа играта на светлото и темнината (театарот не случајно е и уметност на светлината и темнината, па познава и театар на сенки како подвид), понекогаш е тоа голото актерско (човечко) тело, чиста крв и месо, чиста остензија, како што велат семиотичарите на театарот. Понекогаш тоа е елемент на сценографијата, чист симболизам, гола, „радиоактивна“ предметна метафора за оној човек од крв и месо што привремено излегол од кадарот и од објективот на нашиот Љупчо, за да му отстапи место на светот на предметите. Напати е тоа фреска, колективна сцена, во која лицата на актерите се движат од демонологија до мартирологија, од ѓавол до светец (во тие фотографии Љупчо, најверојатно без да биде свесен, ја слика теодицејата Божја). Понекогаш тоа е некој артист, чија душа е веќе преселена зад облаците (Мину Угриновска, Душко Костовски…), па Љупчо сака да ни ги врати овде, во оваа Долина на суетата и плачот, да нè потсети дека и тие биле како нас, и дека и ние ќе бидеме како нив.
Но, на сите тие фотографии, всушност, „уловено“ е едно исто нешто – суштината на театарот. Како што Љупчо знае да ја улови суштината на каменот, па фотографирајќи поединечен камен да ни ја покаже особината каменитост, така знае да ја улови и суштината на театарот. А тоа е – крикот. Нема театар без крик. Никогаш и немало. И трагедијата е крик. И комедијата е крик. Крик над несовршеноста на човековото суштество, над неговата минливост, глупост и смртност.
Љупчо тоа го знаел. Погледнете ги сите овие театарски фотографии, снимани по разни поводи, од МОТ, преку други театарски фестивали, до регуларни претстави, и во широк распон на изведувачи – од наши македонски театри до театри од Црна Африка (театар од Мали, на пример). На сите, на сите нив е фотографирано едно исто нешто: крикот. Човечкиот крик. Неговата фонетика, неговата лексика („мимика“), неговата синтакса (групни сцени). Непогрешливо точно се одбрани актери и моменти преку кои и во кои тој крик што распорува уши, почнува да боде и очи! Тоа е визуелизација на крикот, негово припитомување, негово претворање во светлина, боја, сенка… без разлика дали станува збор за црно-бели или колор фотографии. За дистинкцијата црно-бела/колор фотографија кај Љупчо, се имам изјаснето – од лично искуство знам (со Љупчо го работевме серијалот „1 фотографија и 99 зборови“ за „Нова Македонија“): неговата мајсторија оди до таму што тешко ќе може да се сетите, откако ќе ја видите фотографијата, дали била во колор или црно-бела. Кај Љупчо колорите се осенчени, а црно-белите сенки како да се обоени.
Според тоа, ако на овие фотографии е насликан крикот, тогаш нема да згрешам ако кажам дека мајсторството на Љупчо во одбирањето сегменти од миракулот наречен „театарска претстава“, често се служи и со синестезија – на некои фотографии како да можете да видите и мирис: мирис на чад од огнени змејови, мирис на сено од македонските крвави свадби, телесни мириси од претстави во кои Еросот и страста се единствена облека на телото.
Ќе сопрам тука. Затоа што, најверојатно, ако продолжам, ќе ви го расипам впечатокот од она што самите сакате да го видите на овие фотографии. Едно е сигурно: имате што да видите, и сите ќе видите различни нешта, ќе слушнете различни нешта, ќе помирисате различни нешта. Тоа е особина на големите уметнички фотографии: синестетични се, и покрај визуелната, будат назална, акустичка, дури и тактилна меморија. Токму такви, маестрални уметнички експонати на фрактализираната стварност стојат пред вас.
Допирајте, мирисајте, слушајте, слободно. Само со очи. За да станете свесни за присуството и на другите сетила, кои се неопходни за секое одење во театар. Маестро Љупчо Илиевски ви го овозможува тоа.
Венко Андоновски

 

Љупчо Илиевски спаѓа во редот на најистакнатите македонски фотографи. Припадник е на средната генерација  фотографи, негува специфичен, уметнички стил и силен авторски печат. Засега е единствениот фотограф од Македонија чиишто фотографии за мегалитската опсерваторија Кокино се објавени во српското издание на престижното специјализирано списание за фотографија, „National Geographic“.

Роден е на 30 јули 1955 во Прилеп. Со фотографија се занимава од 1980, за во еден период да работи како соработник во ТAНЈУГ (Телеграфска Агенција Нова Југославија). ТАНЈУГ, беше најголемата и највлијателна државна агенција на бившите ју-простори. Од 1987 е вработен во МТВ, каде што во моментов работи како  камерман-снимател.

За себе вели дека не фотографира, туку дека пишува со светлината и тоа не на актуелни теми, туку во фокусот му се наизглед неважни теми, кои ги обработува долг временски период и со голема посветеност. Негува посебен интерес за театарската фотографија, која во себе носи креативна драматичност и игра на сенки. Обземеноста од лустерот од Офицерскиот дом траеше цели 11 години, а по многу собрани податоци и истражувања, проектот е заокружен со самостојна мултимедијална изложба. Во последниве седум години негов нов предизвик е историјата стара 4.000 години. Приказната за Кокино, раскажана преку записот на Илиевски, неодамна резултираше со изложба, која предизвика подеднаков восхит и кај публиката и кај критиката..
Илиевски е автор на 9 самостојни изложби, а како член на „Фото-клуб 25“ учествувал и на повеќе групни изложби. Присутен  е на повеќе филмски фестивали, а за својата работа повеќепати е наградуван. Неговиот потпис стои и под поштенските марки со тема – Теракотни икони и Кокино.

За неговите уметнички креации, кои тешко може да се избројат, критичарите ќе запишат дека „Илиевски во своите фотографии ги фиксира деталите што се најинтересни, најрелевантни, што одразуваат една цела философија и психологија на човекот, што одразуваат една цела негова внатрешна драма“.

Сподели