На 30 април во 20.00 часот ќе биде отворена изложба на слики од Марина Лешкова со наслов: – Флуктација од една позиција во друга.
Марина Лешкова е родена на 25.09.1957. во Скопје. Дипломирала 1984. на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, истата година дипломирала на Историја на уметност со археологија на Филозофски факултет во Скопје. Работи во НУ Музејот на современата уметност Скопје, како историчар на уметност / виш кустос. Работи како академски сликар. Член на ДЛУМ и ICOM.
Станува збор за уметност што несубверзивно надразнува, бидејќи Марина Лешкова негува некоја сопствена, дури чиста интимна лиричност, која дозволува преплетување на носталгичноста кон љубовта, среќата, поретко тагата. Нејзината аналитичност при конципирањето на визуелните глетки што ја преферираат претходната помешаност на чувствата, конкретно поаѓа од иницијални споени констатации и референци на Сезан, Матис, Моне, Мондриан,Мaљевич, Kле, Кандински, Вазарели или Ван Гог.
При анализата нa нејзините последни три самостојни презентациии видливо е колку модусите на современата уметничка практика во себе обединуваат. Како и во претходните две (Приказната за изгубениот рај, 2012 и Дискурси на орнаментот: Омаж на Мондриан и Маљевич, 2014) и во оваа проект-изложба сликарскиот процес ја покажувa неможноста за изразување без потпирање на веќе одамна искажаните поетики и постапки, сега главно врзани за Матис и Мондриан. Вешто цитираните елементи (мотиви) како и субјективниот однос кон нив ја одразува нејзината “смелост“ да ги внесе во длабок личен контекст. Затоа делата од овој децениски опус се цврсто поврзани во циклуси со интенција нарацијата и симболичната глетка да имаат свое течение од слика на слика (во поголема или помала групација или поединечно).
Оние врзани за Мондриан ги одразуваат неговите начела на играта со боени геометризирани полиња. Кај неа во организацијата на композицијата се вклучени поединечни слики (во различни димензии) аранжирани на начин да се постигне прецизното парцелизирање со белата линија добиена од самата позадина на ѕидот. На моменти Мондриановата лексика е присутна преку монохромните површини на платаната и самиот колорит (црвено, жолто, сино, црно), но нејзиниот придонес е во поместувањето на неговата антиилузионистичка логика преку вметнувањето и на дела со релативна разлеаност на боите со сличен тоналитет, повеќе како лирични записи во кои е предизвикана одредена длабочина.
Кога слика според Матисовските шаблони таа повеќе се потпира на неговите орнаментални структури, односно пристапи што водат кон синтеза на ликовните и декоративни уметности (меѓу првите го разви и рехабилитира орнаментот како елемент на композициите, којшто едно време беше исклучен од модерната уметност бидејќи беше третиран како декоративен и осмислено празен поредок). Верзиите на Лешкова изгледаат како слободни “копии“, при што таа ја почитува намерата на Матис да се елиминираат деталите. Спонтано без посебен напор, ги упростува и фигурите и колоритот, сведувајќи ги на основните елементи и функции. Така превземените стилизирани фигури на жена ја освојуваат јако обоената позадина и без некоја сложена нарација, поради самиот процес на негирање на небитното, го даваат сјајот на овие дела во кои е аплицирано чувството кон конечниот впечаток во кој се обединуваат убавината и радоста на живеењето.
На еден инвентивен начин прифаќањето на ретро-традиција го актуелизира нејзиното сликарство, кое останува отворено посебно околу проблемот на разработка на структурата на одбраната предлошка, композицијата и дијалозите на фигуративното и апстрактното. Последново навраќањето кон Матис или Мондриан претставува сублимат на нејзините досегашни искуства во кои е битно да се одржи дигнитетот на чинот на сликањето.
Марика Бочварова Плавевска