На 30 јуни, 1908 година, релативно мал астероид од околу 40 метри, навлегол во земјината атмосфера над Сибир, каде што експлодирал и притоа уништил ненаселен регион со големина на модерна метропола. Попознат како „Тунгуска метеоритот“, овој настан е најмоќната природна експлозија во пишаната човечка историја. Свесни за опасноста од идни вакви настани, група научници, астронаути и лидери од бизнисот и технологијата, го основаа Денот на астероидите, глобална кампања, која од 2015 година неофицијално се одржува на годишнината од експлозијата во Тунгуска. Има за цел да едуцира за астероидите, да развие свест за потенцијалната опасност од нив и начините на кои може да се заштитиме од идни удари од астероиди. Покрај ова, кампањата ја потпиша и Декларацијата 100X, која повикува на посветено искористување на современите астрономски набљудувачки капацитети и откривање на 100.000 нови астероиди секоја година во следните 10 години.
На 7 декември 2016 година основачите на Денот на астероидот објавија дека Генералното собрание на Обединетите Нации официјално го прогласило 30 јуни за Светски ден на астероидoт. Првото официјално одбележување на Денот на астероидот ќе биде на 30 јуни 2017 година. По повод овој настан, во Македонија, во Скопје на 30 јуни од 20 часот, Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското истражувачко друштво и Астрономскиот центар „Орион“ ве канат на серија кратки предавања во киното Фросина и Планетариумот при МКЦ, како и на набљудување со телескопи на платото пред МКЦ (доколку дозволат временските услови).
Програма:
- 20:00 Отворање на настанот, проф. д-р Олгица Кузмановска, претседател на Македонско астрономско друштво
- 20:10 „За Светскиот ден на астероиди“, проф. д-р Гордана Апостоловска, регионален координатор за Светскиот ден на астероидот
- 20:30 „Астероиди блиски до Земјата: Непосредна закана“, Филип Парталовски, Скопско астрономско друштво
- 20:50 „Игра на астероиди“, Кристијан Шишковски, Астрономски центар „Орион“
- 21:00 „Популарна презентација на ѕвездено небо во Планетариум“, Ванчо Стојкоски
- 21:30 „Популарна презентација на ѕвездено небо во Планетариум“, Ванчо Стојкоски
- 22:00 „Популарна презентација на ѕвездено небо во Планетариум“, Ванчо Стојкоски
Бројот на посетители е строго ограничен. Влезниците, по цена од 100 денари, може да се набават на билетарницата во Младинскиот културен центар.