Вечeрва во галеријата на МКЦ во 20.00 часот ќе се отвори изложба на слики со наслов “ПАТИНИРАНИ ЦИТАТИ”, од академскиот сликар Мирчо Матевски Рисимкин. На изложбата ќе бидат претставени 20 негови дела настанати во периодот 2009-2014 по неговото враќање од Австралија. Тематиката опфатена во овие дела се базира на нашето културно-историско наследство, пред се, Византиското сликарско културно наследство, а тоа се фреските и иконите, но исто така и богатото народно творештво/писменост и традиција. Овие три елементи-категории, културното наследство, народното творештво и традицијата се важни и определувачки сегменти за секој народ и неговиот идентитет. Тие го прават различен или посебен, тоа што всушност е. Но, истовремено овие категории го спојуваат и со другите култури, цивилизации и ентитети и го прават дел од едно многу поголемо семејство. Делата се работени во маслена техника на платно. Изложбата ќе ја отвори нашиот познат/професор по естетика/естетичар др-Иван Џепаровски.
Мирчо Матевски Рисимкин е роден во Скопје, 1961. Завршил средно уметничко училиште “Лазар Личеновски”1980 г. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, 1984, во класата на професорот Димитар Кондовски, а во 2012 магистрирал на ФЛУ во класата на професорот Јован Шумковски. Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија) од 1984г. Вработен во Меѓународното средно училиште – НОВА во Скопје. Помеѓу 1998 и 2009 живее и работи во Австралија.