Татјана Манева во Галерија МКЦ ќе се престави со циклусот слики именуван како „Остров“ настанат во последниве две години. Изложбата ќе ја отвори Емил Алексиев
Родена е 1978 година во Битола. Член е на ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија) и на ДЛУБ (Друштво на ликовни уметници на Битола). Во 2002 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика, а во 2004 година магистрира на истиот факултет.
Со самостојни изложби се претставила во Париз (Франција); Подгорица, Будва, Тиват (Црна Гора); Берлин (Германија); Амстердам (Холандија); Македонски центар, Њујорк (САД); како и низ неколку градови во Македонија.
„Татјана Манева е во потрага по вистината. Таа ја бара вистинската слика на светот. Ја бара сликата на светот што е сеопфатна и обременета со значење во свет затворен во себе, свет во којшто каде и да одите, се среќавате само себе, свет што одамна го загубил значењето и ја загубил сопствената смисла на постоење. Нејзините слики сведочат за оваа потрага.
Светот во фракталните исечоци од сликите на Татјана Манева не е веќе хиерархизиран, не е веќе пирамидален, устроен од врвот удолу, од центарот кон периферијата, од внатрешноста кон надворешноста… Тука се можни сите приклучувања во сложениот сплет на взаемни гестуални и пиктурални односи, сите прескокнувања, разгранувања и невозможни поврзувања. Ниту една точка тука не е средишна, доминантна, никаде нема почеток ниту крај, нема исходиште – можете само да се препуштите на заводливото губење на самите себе во овој лавиринт [...]
Наспроти привидот на минорност, Татјана Манева во своите слики ја зачувала монументалната визија на уметничкото дело. Она што навистина е, ontos on, бивствувачко битие, не е средиште наспроти работ, бит наспроти привидот, она трајно наспроти минливото и менливото, или извесност на видливото наспроти ширината и неодредивоста на хоризонтот на светот, и тоа Манева го знае. Фрагментарни, фрактални, лавиринтски и мицелиски, овие дела нè насочуваат зад границата на видливото преку работ на стварноста. Ние знаеме дека фрагменот е само дел од една невидлива целина, знаеме дека можеме да најдеме излез од лавиринтот и дека нема да се заплеткаме во сложениот мицелиски сплет на површината од сликата […]
Сликите на Татјана Манева се откривање-барање на исчезнатото тело, recherché d’un corps, живо тело на светот загубено во историјата, заслепено од блескавите и разнобојни светла на неонските реклами, тело кое ја загубило сопствената сенка, тело кое неконтролирано расте и незапирливо се шири, место на метастаза, тело под наркоза, опиено од сопствената самодоволност, тело што самото се прождира и кое што само себе се произведува од минијатурни клетки, матрици и мемории, од кое останало само клише, код, испразнета форма, некаква поза, декор, слика… Треба, значи да се нурнете во сликата и зад сликата, во живото и раздвижено тело на светот што нема априорни форми, туку во него е светоста и светлината и изворот на сите бои, изворот на хроматската супстанца од која што е создадена сликата, во бездната и празнината на пиктуралното тело, во просторот на инкубација на формите, каде е матрицата на сите облици и битиа и нешта – во одново пронајденото и обновено тело на светот. Тоа е тајната на сликите на Татјана Манева и тука почнува драмата на вистинските мистерии.“
Емил Алексиев