Здружението” Сенки и облаци” од 24-ти до 26-ти ноември 2014 година е организатор на вториот интернационален детски фестивал на театар на сенки ”Сонот на облачето”. Фестивалот се оддржува три дена (24, 25 и 26 ноември 2014 год.) во просториите на Младинскиот Културен Центар (Сцена Фросина).

На 24-ти ноември ќе се претстави театарската група„Сенки и Облаци”од Скопје со претставата „Девојчето, змејот и црните облаци”. Ова е претстава која зборува за актуелни тема како загадувањето на градот, за железарата како најголемиот непријател на луѓето и змејот, и за девојчето кое тргнува да го спаси својот најдобар другар. Раскажана на необичен начин, преку користење на две досега неспоени техники како што се песочната уметност и играта со сенки, оваа претстава ќе ве однесе во еден имагинарен свет полн со слатки илузии . Интернационалните учесници на фестивалот се „Le Théàtre des Ombres“ од Тулуз, Франција со претставата „Пет забавни приказни”, интересен спој на кратки приказни раскажани на магичен начин преку игра со свела и сенки и „ Cia quase cinema“ од Сао Паоло, Бразил со претставата „Животот на Северино”, приказна за проблемите на урбаниот живот и потребата за навраќање кон природата .

За време на фестивалот ќе се отвори изложба на фигури од театар на сенки. Делата на изложбата се изработени од Драгица Николовска, Јана Младенова и Ивона Ѓорѓиовска. Во вторник и среда со почеток од 18 часот ќе се одржуваат работилници за деца под менторство на девојките од Колектив Ветерница. Децата ќе имаат можност да се запознаат со целиот процес на создавање на претстава со сенки. Фестивалот ќе се затвори со презентација на претставата изработена на работилниците.
Оваа година фоајето на Кино Фросина ќе биде декорирано со производите на Lotus Lounge Chair и специјална декорација кои ја изработија за фестивалот. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во удобните лотуси и да гледаат проекции на претстави од различни театри ширум светот.
“Сонот на облачето” е фестивал кој ќе им овозможи на децата и младите од нашата земја да се запознаат со поинаков театар, традиции и културни вредности, со различни начини на раскажување и игра. Фестивалот има и хуманитарен карактер бидејќи ќе бидат вклучени одредени општествено маргинализирани групи како – деца без родители од СОС детско село и Трисомија 21-деца со даунов синдром за кој се обезбедени бесплатен билет и превоз за фестивалот. Со овој фестивал се очекува да се зголеми интересот за театарот кај децата , да ги запознаат основните човечки вредности и да се едуцираат за важноста на работите во светот кој ги опкружува.

Програма на фестивалот:
24-ТИ НОЕМВРИ ПОНЕДЕЛНИК
19:00 ч.Отвoрање на фестивалот
19:30 ч. „Девојчето, змејот и црните облаци”, Сенки и облаци, театар на сенки, Македонија
20:30 ч.Коктел и изложба на фигури од театар на сенки

25-ТИ НОЕМВРИ ВТОРНИК
18:00-19:15 ч.Работилница за игра со сенки во соработка со „Колектив Ветерница”
19:30 ч. „Пет забавни приказни”, Le Théàtre des Ombres, Тулуз, Франција

26-ТИ НОЕМВРИ СРЕДА
18:00-19:15 ч.Работилница за игра со сенки во соработка со„Колектив Ветерница”
19.30 ч. „Животот на Северино”, Cia quase cinema, Сао Паоло, Бразил
20.30 ч.Затворање на фестивалот со изведба на кратки сцени од работилниците
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.Македонија , во соработка со Младинскиот културен центар-МКЦ.
Влезот за сите претстави е 120 денари, картите можат да се набават на билетарата на Младинскиот културен центар.
За организирани посети(над 10 посетители) цената на билетот е 100 денари.

Сподели