Во Галеријата МКЦ, четврток 05. 11. 2013, 20.00 часот ќе биде отворена изложбата на ликовниот уметник Мустафа Асим.
Деценија по неговата смрт, ликовната публика ќе има можност данаправи увид во атрактивните остварувања на творецот. Четириесетте дела, (масло на платно и акварел), кои ќе се изложени, настанати се во периодот од 1993 до 2002 година.
Мустафа Асим е роден 1952 година во Скопје. Во Битола завршува основно и средно училиште. Од 1976 година живее во Скопје каде завршува Педагошка академија, ликовен смер, во класата на професорот Димитар Кондовски. Во 1993 година се преселува во Кумбургаз, Турција. Од 1998 до 2003 година живее во Бујук Чекмеџе, Истанбул.
* Огромна благодарност кон семејството Асим кое штедро ги отстапи сите дела за изложбата во галеријата МКЦ за вљубениците на ликовната уметност во Македонија.
Мустафа Асим, популарен сликар, графички дизајнер, сценограф, кој од Битола дојде да го освои Скопје, за потоа да продолжи да живее и твори во Истанбул, со своето дело е опседнат од човечката личност, од нејзината лика, става, просторна “визуелна“димензија, но и од нејзината позиција спрема светот, во светот и наспроти светот како специфичност, самосвојност и различност.Атрактивните ликовни остварувања на Мустафа Асим, блескаат низ внатрешното со поставување на тематиката и формата-де преовладува едната де другата, но не борејќи се до уништување, туку до возвишување на ликовното дело, се додека во следната творба другиот елемент не превладее. Небаре го опседнува сликарот како трајна ориентација и повторување. А се работи само за мигновена доминантна остварливост на една незаобиколна, единствена и фантастична градба од една личност со големи капацитети и апсолутно немирен дух, која што ништо не ја смирува ниту нешто некогаш ќе ја смири. Сликарството на Асим е објективно, дури реалистично, ако не во целост, тогаш во детал или во поголем фрагмент, како некој ренесансен мајстор да оживеал во добата на модерната и постмодерната – самиот Асим е еден од првите протагонисти на постмодернизмот во Македонија. Тој ја бара и обожава убавината, нежноста, рафинираноста, со што претставува реаниматор на ренесансниот дух и метод, за одеднаш да биде заведен од уривачкиот модернизам кој го води кон малите објекти, кон конкретното сликарство како апсолутна определба, но не како спротивност на претходното, туку како страсна разработка на универзалната предметност, на која не и е достатно ништо освен самата слика, а предизвикот е самото остварено дело како лично остварување и смирување. Сликарството на Мустафа Асим е едно метафизично сликарство на еден жив, немирен и модерен дух, во кој што се борат визуелната импресија и духовните поттици, програмските – есететичките – задачи и сликарските дејства, крајните проекции и прекрасните реализации.
Д-р Кирил Темков