Изложба на астрофотографии „Небото над Македонија“ ќе биде отворена на 22 септември (понеделник) во 20 часот во Младинскиот културен центар – Скопје.

На изложбата ќе бидат претставени фотографии од членовите на „Скопското астрономско друштво“ направени на различни локации низ Македонија. Целта е да се пренесат убавините и инспиративните глетки кои можат да се забележат на ноќното небо со голо око, фотоапарат или телескоп. Воедно, со овој настан САД сака да укаже на важноста на зачувување на темното ноќно небо и да апелира кон намалување на загадувањето со вештачка светлина. Токму затоа, носечката фотографија на изложбата претставува пејсаж со Млечниот пат, сликан од Коњско на Преспанското езеро, регион кој се смета за еден од најтемните во Македонија.

Преку астрофотографиите ќе бидат претставени најразлични небесни објекти: галаксии, маглини, ѕвездени јата, објекти од Сончевиот систем, вештачки сателити, како и пејсажни фотографии со астрономски мотиви.

Изложбата е под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија и е помогната од Младинскиот културен центар. Ќе биде отворена до 27.09.2014 г. Влезот е бесплатен.

 

Сподели