Младинскиот културен центар во рамките на годинешното одбележување на денот на катастрофалниот скопски земјотрес, претставува дел од досега никогаш изложувани дела (четириесет и пет акварели и пет цртежи) на еден од основоположниците на македонскиот современ ликовен израз, Димитар Аврамовски Пандилов, кој знаеме, на 26 јули, 1963 год., трагично замина. Делата се работени во предвоениот и повоениот период на дваесеттиот век. Ова е само дел од проектот, со кој Младинскиот културен центар планира во повеќе години, секој 26 јули, да изложува досега никогаш изложувани дела од Пандилов.
Димитар Аврамовски Пандилов припаѓа на генерацијата сликари, кои во минатиот век се издвојуваат со својата уметничка љубопитност околу модерниот европски сензибилитет, трудејќи се во жанрот на импресијата да го дадат својот творечки опус истовремено олицетворувајќи го македонскиот живот и поднебје. Мотивиран и инспириран од интересните градски и селски композиции на македонското жителство, Пандилов ги замрзнува живописните состојби во за него карактеристичен маниристички цртеж.
Заедно со Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски… Ги доживува и отсликува историските настани и моменти на борбата за националното ослободување на македонскиот народ, тоа претставува историски потфат во процесот на создавањето и развојот на современата македонска ликовна уметност“.
Димитар Аврамовски Пандилов е роден на 1 март 1899 во село Тресонче, починал во скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 — претставник е на импресионизмот и еден од основачите на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Завршил ликовна академија во Софија, 1924 год.
Самостојно изложувал (од 1926 год.) во Ќуприја, Скопје, Софија.
Г.Ѓ.
Младинскиот културен центар изразува огромна благодарност до сопственикот на делата, Г. Петар Дракул.
Изложбата ќе биде отворена до 15 септември.