Во претставата „А што потоа?“ се зборува за жртвите од терористичките напади и војни, конкретно војната во Сирија.
Како локации за обработка се земени градовите: Алепо, Париз, Берлин, Анкара, Брисел, Истанбул, Ница и Дамаск (секаде каде што се случил напад). Знаејќи дека во изминатава година има скоро три илјади терористички напади во светот со илјадници жртви, а многу ретко се зборува и се посветува внимание на тоа, решивме да ги земеме нападите кои нам ни беа познати (од 2015 и 2016 година, секако не сите) и решивме да ги истражиме малку повеќе со тоа што не ги игнорираме и нападите за кои воопшто не бевме слушнале.
Ова е приказна од луѓе за луѓе. Ова е приказна за сите кои престанале да живеат затоа што некој сметал дека е паметно без причина да одземе туѓ живот. Ова е приказна за луѓе кои можевме и можеме да бидеме.
Затоа што сакавме ова да биде од нас како театарска трупа за луѓето кои го загубиле својот живот, решивме текстот да го напишеме сами. Самиот текст е инспирација од вистински случки и луѓе кои починале во еден од терористичките напади во градовите погоре споменати.
Раскажувајќи за смртта, за невините луѓе кои умираат, дојдовме до заклучок дека многу повеќе од вообичаено зборуваме и твориме за животот, за љубовта, болката, драгите луѓе, неисполнетите желби и соништа.
Сакаме тоа да го посветиме на сите луѓе на кои им бил предвреме прекинат животот, сакаме да кажеме дека за нас не се бројки, туку приказни. Приказни без крај, на кои сепак некој одлучил да им стави точка.
Целата претстава е ставена во рамки на документарен театар, кој пред сè има за цел да раскаже вистински настани, да го продлабочи новинарското истражување и да направи приказна која ќе остане како сведок на едно време што се случило а за кое многумина избираат да не зборуваат.
Режија: Драгана Гунин
Играат: Бојан Лазаров, Јанка Лефкова, Нина Максимова, Марјан Наумов, Дарко Ристовски, Благојчо Стојанов, Емине Халил