Превземено од Утрински Весник
__

Краткиот игран филм „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ во режија на Вардан Тозија го освои третото место на Филмскиот фестивал во Каиро, Египет (САМ Интернационален филмски фестивал за краток филм 2013).
Оваа урбана комедија, која Вардан Тозија ја направи според краткиот расказ на аргентинскиот автор Фернандо Сорентино, ги освои симпатиите на жирито и во доста силна конкуренција успеа ја добие престижната награда.
„Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ досега освои повеќе награди, во Луксор, во Вајадолид и во Париз, а имаше одличен прием и на проекциите во Битола, на Фестивалот „Браќа Манаки“ и во Скопје.
Моментно, Вардан Тозија го подготвува своето долгометражно играно деби „Безимени“, за кој доби грант на конкурсот на „Синема нетворк“ за поддршка на регионални копродукции, а финансиски е поддржан и од македонскиот Филмски фонд. (С.У.)