ТАКСИРАТ во рамки на оф-програмата од 17. издание на фестивалот на 4 декември во МКЦ (Скопје), го најавува целодневниот настан Taksirat Volunteer Day, кој во соработка со Civica Mobilitas (Цивика мобилитас) ќе се одвива со дневна програма од 10:00 до 20:30 часот, организирана во чест на Светскиот ден на волонтерите (5 декември), кој вечерта од 21:00 до 1:00 часот прераснува во голема музичка прослава – „20 ГОДИНИ ТЕ САКАМ“, со која ќе бидат одбележани 20 годишнината од постоењето на PMG Collective и 10 години од првиот концерт на бендот PMG Kolektiv.
Цивика мобилитас и ЗКУ „ТАКСИРАТ“ на овој настан ги здружуваат граѓанските организации што активно се ангажираат во постигнување позитивни општествени промени во Македонија. Во рамки на дневната програма на „Таксират ден на волонтери“ ќе бидат доделени Националните волонтерски награди за 2015, промовирани акциите поддржани со малите и ад хок грантовите на Civica Mobilitas, ќе биде активен инфо-дескот „On the Go“, кој ќе им биде на располагање на граѓанските организации за сите информации, помош и поддршка, Саем на општествени промени (Social Change Market) на кој ќе бидат презентирани организациите и акциите поддржани од Цивика мобилитас, Food for Thought-штандот за здрава храна на „Анима мунди“ и саемот на граѓански организации што го поддржуваат волонтеризмот и активно работат со волонтери. Посетителите ќе имаат можност да ја проследат и дебатата „Hands on Matters“ во која како говорници се очекува да учествуваат новинари, активисти, волонтери и претставници од Националниот совет за развој на волонтерството, ЗКУ Таксират, Црвениот крст, Волонтерски центар-Скопје, како и интерактивни работилници за промоција на граѓанскиот ангажман и волонтерството, отворениот подиум на Националниот младински совет на Македонија, а тука е и програмата наменета за најмладите, која ќе се реализира заедно со „Меѓаши“. Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, кој го спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (СИПУ). Влезот за посетителите на дневната програма на „Таксират ден на волонтери“ е бесплатен.
Вечерта пак, на 4 декември во МКЦ, носи специјална музичка програма именувана „20 ГОДИНИ ТЕ САКАМ“, организирана по повод 20 годишнината од постоењето на PMG Collective и 10 години од првиот концерт на бендот PMG Kolektiv.
На ПМГ КОЛЕКТИВ оваа вечер ќе му се придружат со настап во живо и групите THE JOHN и SETHSTAT, а со диџеј сетови ќе се претстават легендите на македонското клупско небо ROBOTEK и ДАРКО ЈОРДАНОВ.
PMG Collective е артистичка организација што постои и активно делува во рамките на македонската популарна култура од август 1995 година. Настаната на искршените скопски улици и развивана во јавност, тоа е веројатно највлијателната алтернативна формација, одговорна за широк спектар акции, од *****еуфории до музички револуции. Огромен број музичари, диџеи, театарски режисери, актери, дизајнери, сликари, хакери, лудаци, пријатели… минаа низ или се дел од Колективот. Милион журки, концерти и неопишани видови настани се дел од дваесетгодишниот континуитет, кој се одвива ден за ден, викенд за викенд. Токму континуитетот и автентичниот квалитет на активностите е главната карактеристика на оваа формација.
PMG Kolektiv… Во оваа форма, започнуваат со работа во 2003-та година и набргу стануваат еден од бендовите предводници на новата македонска музичка сцена. Произлезени од ПМГ Колективот, кој речиси две децении активно делува на нашата културна сцена, тие прават длабок музички засек во светското музичко искуство и го пресликуваат во македонската музичка реалност, давајќи му современ, динамичен и оригинален призвук. Звучното искуство би го локализирале некаде помеѓу креативната пост-панк мелодичност и сировиот танцов пристап. Една од најсилните карактеристики на бендот е нивниот жив настап, кој не остава рамнодушни во публиката, а многу лесно преминува и во вистинска журка. Инаку ПМГ Колектив е еден од нашите концертно најактивни бендови (околу 250 концерти во последниве 10 години), а редовно настапуваат и вон границите на Македонија. Бендот досега има издадено 6 студиски албуми, а е одговорен и за голем број хитови во земјата, како: Ти си Мојот Свет, 80Ти, Скопјанка, Манекенки, Контрол, Ние Сме од Скопје…
Влезниците за „20 ГОДИНИ ТЕ САКАМ“ ќе се продаваат само на денот на одржување на настанот, на билетарницата на МКЦ по цена од 100 денари.

Сподели