Почитувани,
Со особено задоволство ва покануваме на промоција на романот „Собирачи на пепел“ на еден од најдаровитите македонски писатели од поновата генерација, Давор Стојановски.
Книгата ќе ви ја претстави Душко Крстевски низ разговор со авторот.
Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрира на Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски антологии. Неговиот дебитантски роман „Ненасловена месечева соната“ (2013, Или-Или) влезе во потесниот круг за наградата Роман на годината на „Утрински Весник“.
За книгата, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска потенцираше:
„Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски е роман кој се совпаѓа со светскиот тренд на обновување на фактографската и реалистичната книжевност. Но тој е, истовремено, и едно типично ново егзистенцијалистичко писмо, кое македонската книжевна сцена го чека уште од времето по појавата на „Кратката пролет на Моно Самоникот“ на Димитар Солев. Моно на Солев еве конечно доби свој наследник во Јаков на Стојановски. За разлика од претходниот роман, приказната во овој се случува во Македонија, поточно во Скопје. И без никакво претерување може да се рече дека Јаков на Стојановски е всушност македонскиот Улис, поточно македонскиот Леополд Блум (38 годишен добавувач на огласи во весници), а во добар дел при скитањето во пределите на своето сеќавање израснува и во македонскиот Антоан Рокантен на Сартр. Со тоа, „Собирачи на пепел“ ги отвора вратите за темите на денешнината и тоа за вдоменоста и бездомноста, за чувството на недостиг, за чувството на осаменост покрај сите оние познати и непознати луѓе околу себе, за стравот од блискост, за потребата од далечност со своите и туѓите, за…“