„Со ветрот под рака“ - Д.А. Лори (Долорес Атанасова-Лори)
„Д.А. Лори ни нуди таков жар додека читаме што забораваме дека внатрешното устројство е исполнето со интимен порив. Соживувањето со поетскиот глас е неизбежно, стилската изведба со жестокост, но и со доза избалансирана, умерена итрост си поигрува со архетипите што ни се досега (не)познати, симболичност што плови на моменти во мирно море, а на моменти нè фрла во вакуумот помеѓу карпата и бранот што удира во неа.
Чувството да се има новата книга на Д.А. Лори, „Со ветрот под рака“, во свои раце пред другите и да знаеш дека таа создала едно дело што ќе остане врежано во историјата на современата македонска поетика е уникатно, прекрасно, во најмала рака „ветровито“.
(Mитко Гогов)
Д.А. Лори (Долорес Атанасова-Лори) е родена на 26.10.1974 во Германија. Раното детство го поминува во Германија, а потоа се сели со семејството во Охрид, каде што ги помину¬ва остатокот од детството и средношколските денови, сè до заминувањето во Скопје на студии по англиски јазик и кни¬жевност во 1993 г. Д.А. Лори денес работи како професор по англиски јазик во Скопје. Дел од нејзината поезија е објавена во Букбокс, во поетската збирка 100 000 поети за промена и е-книгата Поетискон. Нејзината прва книга, Будење во трето лице еднина, беше издадена од „Блесок“, во 2014.
Промотор на делото ќе биде Митко Гогов, а стихови од збирката ќе читаат Верица Недеска-Трајкова, Тања Сладиновска и Верица Андреевска-Спасовиќ. Промоцијата ќе биде збогатена со музичкиот настап на групата Старовски проект.