Паратисима е настан кој ја промовира уметноста и креативноста во сите нејзини форми. Паратисима е иницијатива основана во Торино, Италија пред 10 години.

Во Торино, Паратисима го поддржува учеството на стотици уметници и креативци од цела Италија и светот, кои за време на одржување на настанот го исполнуваат градот со своите дела и придонесуваат кон создавање на празнична, енергетска и креативна атмосфера.

Во 2013 година, Паратисима регистрираше 119.510 посетители и учество на 606 автори во периодот од петдневното времетраење на настанот. Иницијативата промовираше 58 уметнички проекти и го анимираше градот со повеќе од 100 музички иницијативи. Од 2012 година, Паратисима се води како најпосетен настан поврзан со современата уметност, на територија на Италија.

Од 13 до 15 јуни, во просториите на Младинскиот културен центар, Скопје ќе се одржи првото издание на Паратисима Скопје насловено „Поврзувања” коешто има за цел да се отпочне директна соработка со Паратисима Торино и да овозможи нови начини на презентација на македонски автори во Италија и канал за размена на уметност, креативност и идеи помеѓу Македонија и Италија.

Од 9ти мај до 1ви јуни 2014 година е отворен јавниот повик за пријавување и учество на Паратисима.

За учество на саемот не постои пред-селекција, право на учество имаат сите заинтересирани автори – независно од форматот во кој се изразуваат. Форматот на Паратисима е едноставен: заедно со уметниците кои сакаат да учествуваат и да ја поддржат иницијативата, се реализира настан кој им дава видливост на уметничките дела и ја поддржува нивната промоција. Паратисима е наменета за сите, но таа особено се стреми кон поддржување и промоција на млади, не етаблирани автори, но истовремено презентира и афирмирани уметници на коишто им нуди нов контекст и простор за соработка во динамична и енергична средина. За посета на настаните нема да се наплаќа билет. Учесниците и нивните дела ќе бидат соодветно распоредени во просториите на Младинскиот културен центар со помош на фестивалскиот уметнички директор и куратор. На секој автор му е овозможена комплетна автономност при изборот на делото и техниката.

Паратисима дава можност на сите автори да бидат прикажани без претходна селекција, но на крајот на настанот ќе бидат селектирани 10тина автори коишто ќе имаат шанса да ги прикажат своите дела на Паратисима во Торино, ноември 2014 година.

Првото издание на Паратисима Скопје е голем предизвик за сите нас, затоа би сакале заедно со сите уметници коишто ќе бидат дел од овој предизвик да го продолжиме растот на оваа инцијатива.

Паратисима Скопје е реализирана со институционална поддршка од Град Торино, торинската Стопанска Комора, Младинскиот Културен Центар и Град Скопје.

Сподели