Пејачката и виолинистка Ива Битова е една од ретките чешки уметници што уживаат меѓународна кариера. Неодоливата привлечност, оригиналниот вокал и наклонетоста кон израз што се наоѓа на границата помеѓу авангардата и детските мелодии, на Ива Битова ѝ донесоа посветени фанови од целиот свет. Низ годините таа е активна во повеќе музички жанрови – од џез, преку идиосинкретичен фолк и рок до современа класика, импровизација и опера. Гласот е само еден од квалитетите што ги поседува Битова: во својата изведба таа се движи помеѓу говор и пеење, во простор каде што звуците добиваат интуитивни боења што го поместуваат значењето нагоре надаолу на траекторијата на радоста и на тагата. Виолината, од друга страна пак, е огледало што ги рефлектира нејзините соништа и имагинации. Ива Битова долго време е една од најоригиналните појави во современата музика, а нејзиното дело и стил сè уште ѝ се противат на каква било прецизна жанровска дефиниција. Односот помеѓу вокалот и виолината на Битова е фокус на уметничкото истражување на нејзините албуми, кои ја изразуваат суштината на еден извонредно оригинален соло-израз.
Билетите за ОФФ-Фест можат да се набават во Југотон Рекордс, МКЦ и онлајн на mktickets.mk и karti.com.mk