Промоција на „Недореченост, о проклета да си“, антологија на песни посветени на Даница Ручигај, првата дама на македонската поезија, со кои поетите, нејзините содружници и наследници, секој на свој посебен начин, ѝ искажуваат љубов и почит за сето она што таа ѝ го подари на поезијата.
Љубовта и почитта кон неа во оваа книга не ја искажуваат само преку своите стихови, туку и со благодарниот гест своите песни да ги напишат рачно, така како што Даница најчесто ноќе, чувствувајќи ги поривот и крикот на поезијата во себе, рачно запишувала стихови од кои се раѓале нејзините песни. Затоа, слободно може да се каже дека „Недореченост, о проклета да си“ е своевидна антологија на факсимили на рачно напишани песни и како таква е можеби единствена во македонската литература.
Антологијата содржи вкупно 67 песни, од кои најголемиот дел се напишани специјално за неа и за првпат се објавуваат.
Дел од ракописите на Даница Ручигај и поетите, ќе може да го видиме во рамки на изложбата.
Антологијата ја приредија Свето Стаменов и Искра Чолакова.
Изложбата во горното фоаје од 19 часот, ќе ја отвори проф. д-р Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, по што следи промоцијата на книгата на платото пред МКЦ.