Романот „18% сиво“ од бугарскиот автор Захари Карабашлиев е во издание на „Антолог“, а на македонски го преведе Душко Крстевски.
Романот е бестселер во Бугарија со вкупно 22 изданија и е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2008. Во анонимна анкета на Би-Би-Си во Бугарија е избран меѓу стоте најомилени книги на бугарските читатели.
Захари Карабашлиев е познат бугарски прозаист и драмски автор, а пишува и филмски сценарија. Неговите драми се играни во Европа и во Америка, а неговите дела се преведени на речиси сите европски јазици.
Освен писател, авторот е и режисер и фотограф, па тие негови афинитети се забележуваат и во неговите дела, особено во романот „18% сиво“.
Овој роман, напишан од перспективата на еден Бугарин што го живее едноличниот американски сон, се одликува со динамичен и хумористичен јазик, фотографирајќи ја темната страна на Америка. Неговото патување води низ серија настани опасни за животот, прошарани со сеќавањата на неговиот однос со Стела и со животот во Бугарија од крајот на 1980-тите.
Според критиката, романот „почнува како позната современа јужнокалифорниска pulp fiction, можеби како една од приказните во филмот „Седум психопати“, а јазикот на Карабашлиев е „динамичен, остроумен и изобилува со детски хумор“. Наскоро претстои и филмската верзија на „18% сиво“.
Романот ќе го промовираат литературните критичарки и универзитетски професорки Ангелина Бановиќ-Марковска и Елизабета Шелева, како и новинарката Јасна Франговска. Делови од романот, паралелно од оригиналот и од македонското издание, ќе читаат самиот автор и актерката Арна Шијак.

Сподели