По премиерата на документарецот “Денот да е радосен” на режисерката Љубица Поповска, ги покануваме на 3 проекции сите кои што не успеаа да го погледнат филмот на Синедејс (а и оние што сакаат да го гледаат по втор или трет пат), да повелат во Џебното Кино на МКЦ 11, 12 и 13 декември,
ДЕНОТ ДА Е РАДОСЕН
Музички документарен филм за бендот
Културно Уметнички Работници
режија и сценарио: Љубица Поповска
монтажа: Тоде Коцев
директор на фотографија: Игор Ангеловски
продуценти: Владимир Стојчевски и
Горан Стојилковиќ
Постојано наоколу се потенцира прашањето дали е панкот мртов? Што е панк и дали овој или оној е доволно панк? “Денот да е радосен” е филм во вид на доказ за постојаното инаетење на неколку музички поединци да нe навлезат во кошот наречен музика за некаква намена, со некаков жанр, за некаква цел, за некаков надоместок.
Преку бендот Културно Уметнички Работници како главни протагонисти во овој документарен филм се открива една интимна конверзација на дел од најбитните ликови на македонската алтернативна музика.
Какво е значењето на терминот сват? Колку е позначаен денот четврток од сите други во неделата и кој во бендот е одговорен за туршија, а кој за ракија низ 15те години музицирање. Едно е сигурно: дека во КУР е лесно да се влезе, ама е потешко да се излезе.
Затоа, Денот да е радосен!