Деветтото издание на мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“ годинава ќе се одвива во чест на британската музичка легенда, Дејвид Боуви. Под наслов „Скопје за Боуви“, на 23 јуни во Градскиот парк во Скопје во 21 часот, под диригентската палка на Емин Џијан, и во негова оркестарција, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе најголемите хитови на највлијателниот поп-уметник на сите времиња – „Let’s dance“, „China girl“, „Space oddity“, „Lazarus“, „Life on Mars“, „Ziggy Stardust“, „Ashes to Ashes“, „Rebel Rebel“, „The Man Who Sold The World“ и уште многу други незаборавни теми. Во изведба на композициите, кои овој пат ќе добијат поинаков и автентичен израз, ќе учествува и бенд, како и Женскиот хор при МКЦ.
Сликарските платна овој пат ќе ги обојат ликовните уметници Агрон Абдули и Ивана Младеновска, а за фановите на британскиот пејач ќе бидат поделени 20 илјади бесплатни примероци од книгата „Психоделија во предградието – Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“ од Мери Финиган.
Книгата зборува за самите почетоци на кариерата на Боуви, кога како 22-годишен музичар очајно се обидува да најде некој клуб во Лондон, каде што ќе може да свири. Мери Финиган пишува во прво лице, како тогашна негова пријателка и љубовница и ни дава директни сведоштва за периодот на Боуви за кој досега сме знаеле многу малку.
Книга за едно момче коешто експериментира со ЛСД, со алкохол, и што на својата прва песна ѝ дава наслов „Space Oddity“. Што понатаму се случува со неговата кариера, на сите им е познато.
Настанот е финансиски поддржан од Минстерството за култура, Град Скопје и Македонски Телеком.