Десеттото јубилејно издание на „Вечерите на женски права“, ќе се одржи во знак на овогодишната тема за одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8 Март: „Размислувај еднакво, гради паметно, со иновација за промена!“. Фокусот е на лидерките во индустријата, на start-up-и кои прават промена, социјални претприемнички, активистки и жени иноваторки, изнаоѓање начини преку кои ИНОВАЦИЈАТА може да ги премости пречките и да го забрза прогресот кон родовата еднаквост.
6.3.2019, среда, 20.00; Кинотека на Македонија
20.00
Изложба на фотографии на студенти од Универзитетот за аудиовиузуелни уметности ЕФТА, во соработка со студенти од Институтот за родови студии – Филозофски Факултет Скопје.
20.30
- Проекција на краткиот документарен филм „ВОВЕД ВО I-TECH“ (Приказни од Шведска)
- Проекција на документарниот филм „ТАА ЗАПОЧНА“,
– САД, 2016, 84 мин.
Режија: Нора Поги, Инсија Саед
ТАА ЗАПОЧНА е долгометражен документарец за жените-претприемачи во високата технологија, снимен на локации во Силиконската Долина, Мисисипи и Њујорк во САД, Европа, Виетнам и во други земји. ТАА ЗАПОЧНА е прв филм кој ја прикажува позадината како младите жени започнуваат бизнис во високоразвиените технологии.
Филмот следи пет млади жени во период од две години и начинот на кој тие ги градат нивните компаниски тимови, развиваат проекти на пазарот, како пропаѓаат во бизнисот, но и како повторно се креваат.
7.3.201, четврток, Кинотека на Македонија
20.00
- Проекција на кратките документарни филмови
„РОДОВИОТ ФОТОГРАФ“ и „МОДНАТА БИБЛИОТЕКА“ (Приказни од Шведска)
- Проекција на документарниот филм „КОД – ОТСТРАНУВАЊЕ НА РОДОВИОТ ЈАЗ“, - САД, 2015, 80 мин.
Режија: Робин Хаузер Рејнолдс
Работните места во информатичката индустрија се зголемуваат трипати побрзо отколку што американските колеџи произведуваат дипломци по компјутерски науки. До 2020 година ќе има еден милион незавршени програми за софтверско инженерство во САД. Преку бројни интервјуа, уметничка анимација и досетливи поенти од популарната култура, документарецот КОД ги испитува причините зошто многу девојки и луѓе што не се белци не бараат можности во компјутерските науки и истражува како културните размислувања, стереотипите, образовните пречки и сексизмот играат улоги во оваа криза од национални размери. Ставовите на експертите од сферите на технологијата, психологијата, науката и образованието се испреплетени со инспиративните приказни на жените кои се ангажирани во борбата со предизвиците во технолошката индустрија и ги слушаат нивните гласови. КОД има за цел да ги поттикне промените во менталитетот, во образовниот систем, во започнувањето сопствен бизнис и во начинот на кој жените се гледаат себеси на тоа поле.
8.3.2019, петок, МКЦ
19.30, МКЦ Галерија
Отворање на изложбата „CHANGING REFLECTIONS“
Учеснички: Марија Ветероска (Македонија); Ана Јовановска (Македонија); Дита Старова Ќерими (Македонија); Јана Јакимовска (Македонија); Христина Зафировска (Македонија); Михаела Јовановска (Македонија); Катерина Ристовска (Македонија); Розафа Шпуза (Албанија); Маја Ќук (Србија); Сузана Ардо (Велика Британија); Ивана Смиљаниќ (Србија).
Насловот на изложбата „Менување на рефлексии“ (Changing Reflections) сугерира повеќеслојни толкувања, секако пред се условени од различностите на авторскиот ракопис кај секоја од претставените авторки, но и играта со различните толкувања на поимот „рефлексија“.
Поаѓајќи од етимологијата на лат. reflex (да се навали наназад), самиот концепт на рефлексија има мноштво „менливи“ толкувања во различни области: во физичката појавност на светот се дефинира преку одбивање на светлина (топлина, звук) од рамна површина; медицински како автоматска реакција на надворешна дразба (рефлекс); филозофски како когнитивна алатка или идеја за нештото; психолошки како процес на набљудување преку преносното значење на ‘одразот на сликата во огледалото’ во насока на набљудување, ретроспекција и/или интроспекција; општествено како резултат на одредени причинско-последични односи на објекти/субјекти итн.
Сумирано, рефлексијата како дејствие се манифестира преку одбивање, гледање, расудување, разгледување, реакција, релација, влијание, идеја… Мноштвото на овие појдовни позиции се имплементирани во делата на претставените авторки во насока на разоткривање, критикување и во крајна линија менување преку прифаќање на основите и толкувањата во некои од, се уште, востановени доминантни норми на однесување, принципи и предрасуди воопшто на интимно и општествено рамниште.
- Маја Чанкуловска Михајловска (осврт кон изложбата)
- Шќипе Мехмети (организатор на изложбата)
20.00, МКЦ Кино Фросина
- Проекција на краткиот документарен филм
„ДРУГИТЕ ЗБОРУВААТ, НИЕ ПРАВИМЕ ! – КОН РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ ВО ШВЕДСКАТА ФИЛМСКА ИНДУСТРИЈА“ (Приказни од Шведска)
- Проекција на документарниот филм „ГИК ДЕВОЈКИ“, - Велика Британија, 2017, 83 мин.
Режија: Џина Хара
ГИК ДЕВОЈКИ е првиот долгометражен документарен филм кој ја истражува скриената половина на фан-културата: жени бубалици. Иако гик заедниците во последно време прераснуваат во позначајни културолошки контрибутори, многу малку внимание е насочено кон жените кои живеат и работат со култура на бубалици на дневна основа. Филмската авторкаЏина Хара се осврнува на оваа тема навлегувајќи во свет на професионалните гејмерки, симпатични фустани, лажни имиња и смртни закани; таа ги следи нејзините субјекти преку возбудата од новооткриената заедница и обесхрабрувањето од исфрлањето од истата, истовремено истражувајќи ја борбата со сопствениот гик идентитет.
21.30, МКЦ Кино Фросина
Дебата РОДОВ ГЕЈМИНГ ЗА ЕДНАКВИ ПРАВА
Модератор: Ана Јовковска
Учесници: Аријана Коскарова (Creative Hub); Ива Михајловска (NapNok); Ирена Н. Чаушевска (Next Billionaires Capital, New-Man’s Business Accelerator); Климентина Илијевски (Паблик, Лице в лице); Петар Ниновски (Brainster); Тамара Котевска (Honeyland)
22.30, МКЦ Фоаје Кино Фросина
Коктел забава со „СТРАНА Б“
13.3.2019, среда, 12.00; Кинотека на Македонија
12.00
- Прогласување на наградените фотографии од средношколците на конкурсот: Размислувај еднакво, гради паметно, со иновација за промена!
- Проекција на кратки документарни филмови од серијалот „Приказни од Шведска“
- Дебата со Ана Jовковска
*Овогодишното издание на Вечерите за женски права е организирано од страна на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА Скопје, со поддршка на Град Скопје и UN Women канцеларијата во Скопје, а во соработка со Институтот за Родови Студии – Филозофски Факултет Скопје и Амбасадата на Шведска во Скопје.