Инспирирани од „Учителот и неговите ученици“

Изложбата „Учителот и неговите ученици“ е обид да се истражи влијанието што еден учител го втиснал во творештвото на неговите ученици, како и особеностите што учениците ги развиле независно, во текот на нивниот творечки век.

Покрај вештините, неизбежно, учителот им пренесува на учениците и дел од неговите лични убедувања и животни ставови.

Инспирацијата што Георгиевски ја црпи од музиката е јасно видлива низ сите периоди на неговото творештво. Во своите предавања и разговорите со своите ученици, тој често пати прави компарации помеѓу цртежот, бојата и перспективата од една и музичката хармонија и тонот од друга страна. Помеѓу неговите многубројни Учители и Ученици отсекогаш имало композитори, аранжери, инструменталисти…

Во овој контекст, а по повод последниот ден на изложбата „Учителот и неговите ученици“, на 17 јуни, во 20:00 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје, Дино Имери, македонски реномиран пијанист, композитор и професор ќе одржи концерт, на кој ќе бидат изведени композиции инспирирани од изложените дела на Владимир Георгиевски, Никола Пијанманов, Наташа Милованчев, Наташа Божарова, Марија Панчевска Маринчиќ, Ана Андроска и Марина Убавкова.

Младински културен центар, Скопје, 2019

МУЗИЧКИ МЕДИТАЦИИ – ОМАЖ НА УЧИТЕЛОТ И НЕГОВИТЕ УЧЕНИЦИ
(Програма за концерт во МКЦ-Скопје, на 17.06.2019)

1 - „Нозете на Учителот“ – Владимир Георгиевски
2 – „Деа“ – Марина Убавкова
3 – „Сон со ѕвездите“ – Ана Андроска
музика: Дино Имери
4 – „Павилјон бр.6“ – Владимир Георгиевски
музика: М. Равел – Соната за виолина и пијано бр.2 – Allegretto
гостин: Бојан Илкоски, виолина
5 – „Отсечената глава на св. Јован Крстител“ – Наташа Божарова;
„Реквием“ – Никола Пијанманов;
6 – „Портрет“ – Марија Панчевска Маринчиќ
7 – „Поетика на просторот“ – Наташа Милованчев
8 – „Автопортрет“ – Владимир Георгиевски
музика: Дино Имери

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Добитник на бројни меѓународни и домашни признанија, редовен гостин на престижни европски фестивали и оркестри, во својата досегашна кариера остварил 5 изданија за домашни и меѓународни дискографски куќи, а бележи и бројни успеси како композитор на оригинална музика за повеќе домашни и меѓународни филмски остварувања. Покрај својата богата концертна дејност, Имери е доцент на Факултетот за Музичка Уметност-при УКИМ во Скопје, каде што предава повеќе предмети.

Бојан Илкоски (1992) е еден од најперспективните македонски виолинисти. Во својата кариера бележи бројни солистички настапи во земјата и странство, а во 2013 г. заедно со Дино Имери го формираат своето дуо остварувајќи значајни меѓународни успеси, но и бројни записи на капиталните дела од репертоарот за виолина и пијано. Постојан член е на Македонската филхармонија, како и оркестарот на F.A.M.E.’s – Film and Music Recording Company.

Сподели