Промоција на саундтракот и проекција на документарниот филм „Мојот превртен свет“
Со огромно задоволство ве каниме на промоцијата на саундтракот од музичкиот документарен филм „Мојот превртен свет“ (My World is Upside Down), која ќе се одржи на 11 јуни (вторник) во музичката продавница „Ап(о)тека“ во Младинскиот културен центар во Скопје. Настанот ќе почне со проекција на филмот „Мојот превртен свет“ во 19.30 часот во киното „Фросина“ во МКЦ, по што ќе следи промоцијата на винилното ЛП-издание со саундтракот од филмот на платото пред МКЦ во 20.45 ч.
Цената на билетот за филмот е 100 денари, а за тие што ќе го купат винилното ЛП-издание пред проекцијата влезот е слободен. Редовна цена на винилниот ЛП-носач ќе биде 1.500 денари, а на денот на промоцијата ќе се продава по промотивна цена од 1.300 денари со гратис проекција. ЛП-то е 180 грамско (180 гр.).
Саундтракот е објавен од издавачка куќа PDV од Хрватска, која веќе го пушти своето најново издание во продажба во Словенија и Хрватска, а од 11 јуни истото ќе може да се најде и во Македонија во музичката продавница „Ап(о)тека“ при Младинскиот културен центар – Скопје.
Станува збор за саундтрак од музичкиот документарен филм „Мојот превртен свет“ (My World is Upside Down), во режија на Петра Селишкар и во продукција на Petra Pan Film-Словенија, ППФП-Македонија и Restart-Хрватска. Материјалот е достапен на винилен ЛП носач со додатен 7” винил, како и во дигитални формати, и го продуцираше издавачка куќа PDV од Хрватска.
Во филмот се испреплетуваат музичките изведби на актуелните водечки алтернативни музичари во светот, кои ги реконструираат песните на „словенечкиот Чарли Чаплин“, универзалниот уметник Фране Милчински-Јежек, со неговата неверојатна архивска граѓа.
Во филмот водечките алтернативни музичари во светот денес ги свират песните на Јежек и истите се испреплетуваат со архивската граѓа од 1960-те до 1980-те години, со што се создава една волшебна атмосфера на еден безвремен наративен простор.
Сатиричните песни на Јежек, кои датираат од истиот период како и архивските снимки, денес звучат поавтентично, поактуелно и поуниверзално од кога било, а ги изведуваат музичари како Kimmo Pohjonen (фински авангарден хармоникаш), легендарната хрватска пејачка Josipa Lisac, македонскиот пост-панк б(р)енд „Бернајс Пропаганда“, британскиот рок-маг John Parish, неодоливата Teresa Salqueiro од Madredeus, современата џез икона Тони Китановски со неговиот Черкези караван, па сѐ до Hugo Race (бившиот член на групата The Bad Seeds на Nick Cave) и неодамна починатите Robert Fisher и Tomaž Pengov, легендарниот словенечки кантавтор.
Саундтракот го продуцираше и миксаше инди-рок иконата Chris Eckman, дизајнот е дело на исклучителниот млад уметник Самир Карахасан, а мастерингот на звучниот носач го направи Петар Дундов.
За загревање, аудиото од филмот, односно радиодрамата „Мојот превртен свет“ на Фране Милчински-Јежек и песните од саундтракот на филмот ќе можете да ги слушате овој викенд на брановите на FM Jazz Radio!