Заокружете го овој датум и дојдете во Младинскиот културен центар – кино Фросина да го слушнете и доживеете уникатниот звук на гитаристот Кристијан Волчев. Со промоцијата на дебитантскиот албум „Синестезија“, македонската музичка сцена покрај нов звук добива и спектар бои.
Авторскиот материјал на Волчев содржи ритмичка комплексност, надополнета со перкусивни елементи отсвирени на гитара. Албумот се состои од десет песни. Идејата е со секоја песна да се доживее синестезија, односно звукот да добие боја. Во десетте песни, две се реаранжани на македонски народни песни – „Со маки сум се родила“ и „Јовано, Јованке“. Темата на албумот е “The Nihilist”, како што е именувана и песната која веќе има видео запис. Нихилизмот вели дека постоењето е бесцелно. Но, албумот е приказна за надминување на овие размислувања. Инспирацијата е личното искуство на авторот трагајќи по одговорот за постоењето во материјалниот свет.
Овие шарени мелодии верувајте ќе ги обојат вашите мисли, емоции, постоењето, просторот, Скопје… За да се збогати звукот и да имате незаборавна вечер, Волчев ќе биде придружуван од Антоние Весковски на перкусии. Како гости на овој настан ќе се придружат D.S.H. од кој Иван Петровски – гитара; Филип Димишковски – пијано; Дејан Митровиќ – контрабас; Виктор Филиповски – тапани. Ќе имате можност за прв пат во живо да го слушнете нивниот нов авторски материјал.
Поканети сте заедно да уживаме, да споделуваме искуства, да доживееме музичка синестезија и секако, да се забавуваме!