Taksirat Festival и Tiiiit! Inc. ви ја претставуваат американската пејачка со светско реноме, фасцинантата AKUA NARU! Една од водечките женски џез хип-хоп вокали, премиерно гостува со концерт во Скопје, кој ќе се одржи на 6 мај во МКЦ и во рамки на ПРВО ПА ЖЕНСКО!

Акуа Нару зад себе има три албуми, „The Journey Aflame“, „Live and Aflame Sessions“, „The Miner’s Canary“, како и низ светот познатите хитови „Poetry: How Does It Feel?“ и „The world is listening“. Со објавувањето на деби-албумот „…The Journey Aflame“, Нару се позиционираше на музичката сцена како пример на тоа што жените можат да бидат во хип-хоп музиката. За овој албум пишуваа многумина познати хип-хоп критичари, од Њујорк до Москва. Синглот „The World Is Listening“, продуциран заедно со JR & PH7, набрзо се најде на првото место на листата на американското колеџ радио, се вртеше по радиостаниците во Франција и Германија и се продаваше по продавниците за плочи од Париз до Токио… Дефинитивно светот го слушаше „…The Journey Aflame“. Со продукција на која се потпишаа некои од најважните имиња на германскиот хип-хоп, како продукциската куќа TheDrumkidz, JR & PH7, 7inch и други, албумот го заслужи своето место во хип-хоп историјата, а Нару покажа дека нејзиниот пат не само што се вивна во врвовите, туку допрва блеснува во сиот свој сјај.

Со својот препознатлив бум бап хип-хоп звук, општествено разбудените рими и џез-соул елементи, Нару го привлече вниманието и доби многу охрабрувачки критики. Во својата кариера има настапувано со Тони Ален, тапанарот на Фела Кути, хип-хоп групата „The Lords of The Underground“, со Вакс Тејлор, Анџелик Киџо, „Questlove” од „Д Рутс“ (The Roots) итн. Ја споредуваат со хип-хоп ерата од 90-тите, нејзиниот музички и поетски талент високо го ценат еминентни хип-хоп критичари, а нејзините настапи во живо се жестоки и незаборавни. Настапува придружувана од бендот „Д Дигфло“ (The DIGFLO), ансамбл со шест членови на удиралки, клавијатури, саксофон/флејта, бас, гитара и миксер. Акуа Нару и нејзиниот бенд навистина ја заробуваат, ја инспирираат и покренуваат публиката. Јасно е, музиката и настапот на Акуа Нару се тестамент за наследството на соул музиката и на моќните жени во музиката воопшто.

И додека светската сцена го очекува објавувањето на нејзиниот нов албум „The Blackest Joy“ закажано за 27 април, во рамки на истоимената турнеја со која оваа пролет таа гостува во светските метрополи, вистинска привилегија е извонредната АКУА НАРУ да ја пречекаме и во Скопје, на 6 мај во рамки на „Прво па женско“.

Билетите во претпродажба ќе бидат пуштени во среда, 18 април.

Сподели